Преглед на вестите од светот
Грчките земјоделци ќе ги прекинат блокадите на граничните премини за време на божиќните празници и нова година. Од 23 до 28 декември и од 30 до 4 јануари. Грчките медиуми пренесуваат дека овој прекин го прават поради празниците да не им се ограничи движењето на граѓаните во патувањата.
Од листата со 27 барања на земјоделците, 16 веќе се исполнети или се третираат позитивно, а само седум не можат да се решат, или затоа што се во спротивност со основните европски правила и функционирањето на заедничката земјоделска политика, или затоа што се финансиски неизводливи, напиша на Фејсбук грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.
Земјоделците од Грција ги почнаа протестите на 30 ноемвири со над 60 блокади низ цела Грција.
Девет лица беа убиени, а 10 ранети во пукотница во близина на Јоханесбург,Р. Јужна Африка. Напаѓачите пристигнале со две возила минибус и сребрена лимузина и со огнено оружје пукале кон гостите во локален паб.
Ова место е карактеризирано како област со висока невработеност и сиромаштија поради падот на рударството на злато. Во оваа држава која е најсилна економија во Африка е забележана една од највисоките стапки на убиства во светот, со просек од 60 убиства на ден.
САД пресретнаа танкер за нафта крај брегот на Венецуела во меѓународни води. Овој потег доаѓа само неколку дена откако американскиот претседател Доналд Трамп објави „блокада“ на сите санкционирани танкери за нафта што влегуваат и излегуваат од Венецуела.
Ова е втор пат во последните недели САД да нападнат танкер во близина на Венецуела, во услови на големо американско воено засилување во регионот.
Британската компанија за управување со поморски ризици „Вангард“ соопшти дека се верува дека бродот е „Сенчурис“ под панамско знаме, кој беше пресретнат источно од Барбадос во Карипското Море.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
