Loading Video...
Свет
6. January 2026 - 12:25

Преглед на вестите од светот

Соборениот венецуелски лидер Николас Мадуро пред Федералниот суд во Њујорк се изјасни дека не е виновен по обвиненијата за наркотероризам. Тој се соочува со четири кривични обвиненија – наркотероризам, заговор за увоз на кокаин, како и поседување автоматско оружје и разорни средства. Пред судијата Алвин Хелерстајн, преку преведувач, кратко изјави дека е невин и дека сè уште се смета за претседател на својата земја, по што беше прекинат од судот. Неговата сопруга Силија Флорес исто така се изјасни дека не е виновна. Следното рочиште е закажано за 17 март.

Американските обвинители тврдат дека Мадуро со години раководел со меѓународна мрежа за трговија со кокаин, која соработувала со мексиканските картели. Мадуро ги отфрла обвинувањата, оценувајќи ги како изговор за „империјалистички планови“ насочени кон богатите нафтени резерви на Венецуела. Администрацијата на Доналд Трамп јасно стави до знаење дека има амбиции за враќање на американските нафтени компании во Венецуела. 

Потпретседателката на Венецуела и министерка за нафта Делси Родригез официјално положи заклетва како привремена шефица на државата.Таа положи заклетва пред својот брат Хорхе Родригез, кој е претседател на Националното собрание. Врховниот суд во саботата ѝ наложи да ги преземе должностите на шеф на државата за период од 90 дена, а вчера армијата ѝ изрази поддршка. Хорхе Родригез, пак, положи заклетва порано денеска, откако Националното собрание се состана за првпат по парламентарните избори одржани во мај. Само мал број од вкупно 283 пратеници се декларираат како опозиција, додека поголемиот дел од опозициските сили – особено фракцијата предводена од добитничката на овогодишната Нобелова награда за мир, Марија Корина Мачадо – го бојкотираа гласањето.

Данската премиерка Мете Фредериксен изјави дека намерите на Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд треба да се сфатат сериозно. Воедно, таа повтори дека и Данска и Гренланд категорично ги отфрлаат таквите амбиции.

Притоа додаде дека јасно ја изнела позицијата на Кралството Данска и потсети дека Гренланд во повеќе наврати соопштил дека не сака да биде дел од САД.

- Ако САД нападнат друга земја членка на НАТО, тогаш сè завршува, изјави Фредериксен.

По апсењето на Мадуро од страна на американските сили, претседателот на САД и неговата администрација упатија предупредувања до други држави – Колумбија, Куба, Мексико, Иран и кон самоуправната територија на Данска, Гренланд. Трамп истакна дека Гренланд им е потребен на САД поради националната безбедност, додека Колумбија и Мексико не се доволно ангажирани во борбата против шверцот на наркотици. За Куба американскиот претседател посочи дека „таа сама ќе падне“, а Иран ќе биде силно нападнат. 

Русија категорично ја осуди, агресијата на САД против Венецуела, изјави постојаниот претставник на Москва во Обединетите нации, Василиј Небензја. Тој наведе дека апсењето на венецуелскиот лидер, проследено со смртта на неколку венецуелски и кубански државјани, за многумина претставува навестување за враќање на ерата на беззаконие и американска доминација заснована на сила.

Постојаниот претставник на САД во Обединетите нации, Мајк Волц, изјави дека Вашингтон не води војна против Венецуела. Тој оцени дека операцијата за апсење на Мадуро била „акција на органите на редот“, додавајќи дека американскиот претседател Доналд Трамп ѝ дал шанса на дипломатијата и му понудил на Мадуро повеќе можности за излез, во обид за деескалација.