Loading Video...
Свет
6. February 2026 - 12:07

Преглед на вестите од светот

САД и Русија се согласија да го продолжат воениот дијалог на високо ниво по состанокот меѓу рускиот и американскиот воен персонал во Абу Даби. Воената комуникација меѓу САД и Русија беше прекината во 2021 година, непосредно пред војната на Русија против Украина. Двете завојувани страни и покрај тоа што неуспеаја да постигнат договор за прекин на огнот, преговорите ги оценија како позитивни. И американски специјален пратеник Стив Виткоф тристраните преговори ги оцени како конструктивни и најави нивно продолжување следните недели. Но, руската страна ги обвини европските сојузници на Украина дека со нивната поддршка ја продолжуваат војната. Претседателот на Украина, Володимир Зеленски во вечерното обраќање до нацијата најави дека следниот круг преговори најверојатно ќе се одржат во САД.

Предуслов за каков било мировен договор Русија инсистира на повлекување на украинските сили од Донбас, додека Украина бара замрзнување на судирот на сегашната линија на фронтот и одбива еднострано повлекување на армијата. Киев, исто така, сака контрола врз најголемата нуклеарна електрана Запорожје, која се наоѓа на територија под контрола на Русија.

По разговорите, Русија и Украина ја спроведоа својата прва размена на затвореници од голем обем за речиси пет месеци, при што секоја страна врати 157 притвореници. Дел од заробените биле уште од 2022 година, а размената е извршена во Белорусија.

За денеска во Оман се предвидени да се одржат разговорите меѓу САД и Иран со цел ублажување на долгогодишните тензии околу нуклеарната програма на Иран. Иран бара „фер, меѓусебно прифатливо и достоинствено разбирање“ со САД, вклучувајќи ги прекршувањата на претходниот нуклеарен договор, воениот напад врз Иран во јуни минатата година и неодамнешното „странско мешање“. Портпаролката на Белата куќа Ливит рече дека разговорите имаат за цел да ја тестираат можноста за постигнување договор, нагласувајќи дека САД остануваат посветени на обезбедување „нулта нуклеарна способност“ во Иран. 

Бурата Леонардо го погоди Иберискиот полуостров со поројни дождови во текот на вчерашниот ден предизвикувајќи повеќе предупредувања за поплави, а еден човек загина во поплава во Португалија. Реката Садо се излеа од своето корито. Терасите на рестораните беа целосно под вода, жителите со вреќи со песок се обидуваа да ги заштитат домовите и продавниците.

Шпанските службеници на цивилната заштита одеа од врата до врата во јужното планинско село Гразалема за да евакуираат околу 1.500 жители откако поплавите предизвикаа проблеми. Евакуираните беа однесени во блискиот спортски и рекреативен центар и дом за стари лица кои беа претворени во привремени засолништа во градот Ронда.

Леонардо е најновата во бранот од половина дузина зимски бури што ги погодија Португалија и Шпанија од почетокот на 2026 година, при што загинаа неколку луѓе, корнеа покриви од куќи и поплавија градови.