Преглед на вестите од светот
Во нападот со руски беспилотни летала врз јужниот украински пристанишен град Одеса загина едно лице, а други две беа повредени, изјави регионалниот гувернер утрово. На терен беа веднаш пожарникарите, а Регионалниот гувернер изјави дека се оштетени и станбената инфраструктура и гасовод.
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха изјави дека украинските и руските лидери треба да се сретнат лично за да ги решат најтешките преостанати прашања во мировните преговори и оцени дека само американскиот претседател Доналд Трамп може да ја запре војната.
Тој рече дека Украина се надева дека ќе стимулира чекори кон завршување на четиригодишната војна и ќе го искористи напредокот во разговорите посредувани од САД.
Според него, „само неколку“ точки остануваат нерешени од мировниот план од 20 точки што беше основа на неодамнешните трилатерални разговори. Тој ги опиша како „најчувствителни и најтешки, кои треба да се дискутираат на ниво на лидери“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно изјави дека САД предложиле прекин на војната на Русија против Украина пред летото, бидејќи Американците подоцна ќе имаат поинаков приоритет - изборите за Конгресот. Тој, исто така, потврди дека територијалното прашање и прашањето за нуклеарната централа Запорожје останале нерешени за време на разговорите во Абу Даби.
Најмалку шест лица загинаа, а седум се повредени при уривање на две соседни згради во либанскиот град Триполи. Според шефот на општинскиот совет, повеќе луѓе се заробени под урнатините. Сепак, тој не прецизираше колку луѓе би можеле да бидат заробени под урнатините во населбата Баб Табане во северниот град.
Претходно, шефот на службата за цивилна заштита на Либан изјави дека 22 жители се наоѓаат во урнатините. Како што објавија либанските медиуми, спасувачите и жителите досега извлекле три лица живи од под урнатините. Министерството за здравство на Либан соопшти дека повредените во уривањето ќе добијат лекување на државен трошок.
Поројните дождови и силните ветрови ги оставија полињата поплавени и предизвикаа штета од милиони евра на посевите, додека Шпанија и Португалија се подготвуваа за поекстремни временски услови. Иберискиот Полуостров веќе доживеа серија бури во последните недели, носејќи обилни дождови, грмотевици, снег и силни ветрови.
Повеќе од 11.000 луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови во јужниот регион Андалузија во Шпанија, додека речиси 170 патишта се затворени низ Шпанија, а железничките услуги се прекинати во Португалија. Вториот круг од претседателските избори во Португалија беше одложен во во неколку области погодени од поплави.
Екипата на Сиетл Сихокси е победник на 60.то издание на Супер бол што се одржа на стадионот во Санта Клара откако го совладаа Њу Ингланд со 29:13. МВП признанието му припадна на Кенет Вокер, а во центарот на вниманието беа и квотербекот Сем Дарнолд и Џејсон Мајерс кој пак имаше 5/5 филд гол. Шоуто на полувремето го збогатија со своето присуство Бед Бани, а му се придружија Лејди Гага и Рики Мартин.
-

Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар
