Loading Video...
Свет
15. February 2026 - 19:50

Преглед на вестите од светот

Голем антивладин протест во Крагујевац. Демонстрантите, водени од студентите бараат избори кои ќе одлучат за иднината на Србија.

Протестот во Крагујевац е последниот во низата антивладини протести водени од студентите. Протестите избија по несреќата во Нови Сад кога при пад на натрешница загинаа 16 луѓе, меѓу кои и еден Македонец.

Доналд Трамп се уште се нема откажано од Гренланд, тврдат премиерите на Данска и на Гренланд кои во Минхен упатија критика за интересот на американскиот претседател за поседување на островот. Велат, притисокот врз Гренланд е неприфатлив.

„За жал, мислам дека желбата е иста. Тоа е нешто за што, се разбира, многу разговараме. И би додала дека сметам оти притисокот врз Гренланд е целосно неприфатлив“, рече таа.

Гренланд како никогаш претходно се соочува со надворешни закани. Данска очекува дека тензиите ќе се решат преку дијалог.

Трамп изразува желба за поседување на Гренланд поради загриженост за националната безбедност со Русија и Кина. Дополнително, топењето на мразот отвора нови трговски рути на арктикот кои Соединетите Американски Држави сакаат да ги контролираат.

НАТО за оваа недела најави мисија за зајакнување на своето присуство на Арктикот како дел од напорите за смирување на тензиите.

Американскиот државен секретар Марко Рубио пристигна во Братислава како дел од источно-европската турнеја. Се сретна со премиерот Роберт Фицо кому му кажа дека дека САД се бори за Европа да не зависи од никого, дури ниту од Вашингтон.

-Под претседателот Трамп, оваа администрација ќе ја направи не само Словачка, туку и Централна Европа, клучна компонента на нашиот ангажман на континентот и во светот. И дека нема само да учествуваме на состаноци и да разменуваме љубезности, туку ќе преземеме конкретни дејствија заедно, на начини кои се корисни за вашиот народ и за нашиот народ, на начини кои се корисни за вашата земја и за нашата земја.

САД и Словачка ја продолжуваат воената соработка, особено на источната граница на Словачка. Фицо најави и нова нуклеарна централа.

-Што се однесува до соработката во областа на нуклеарната енергија, го информирав министерот за надворешни работи до каде сме, ние сме многу заинтересирани. Под водство на американскиот партнер, да создадеме мултинационален конзорциум кој би гарантирал дека Словачка до 2040 година би можела да изгради уште еден нуклеарен блок со капацитет од илјада и двесте мегавати. И очекуваме во текот на следната година да потпишеме конкретни договори со Вестингхаус.

Освен во Словачка, Рубио треба да отиде и во Унгарија. Главна тема на оваа турнеја се очекува да биде енергетската соработка и билатерални прашања.