Loading Video...
Свет
6. јуни 2026 - 16:31

Преглед на вестите од светот

Тензиите меѓу САД и Иран повторно се зголемија по нови напади во регионот на Персискиот залив и Ормускиот теснец.

Американските сили собориле четири ирански беспилотни летала, за кои било оценето дека претставуваат непосредна закана за поморскиот сообраќај. По пресретнувањето на дроновите, САД извршиле напади врз ирански крајбрежни радарски позиции на југот од земјата.

Иран, според американската Централна команда, возвратил со лансирање седум балистички ракети кон Кувајт и Бахреин, каде што има американско воено присуство. Шест од ракетите биле пресретнати, а една не ја погодила целта.

Новата размена на напади дополнително ја нарушува кревката безбедносна состојба во регионот, и покрај претходно договореното примирје.

Преговорите меѓу Вашингтон и Техеран се во застој. Ирански претставници тврдат дека потенцијален договор зависи и од одлуката на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп да ослободи замрзнати ирански средства.

Руската противвоздушна одбрана соборила 86 украински дронови во регионот околу Санкт Петербург, соопшти официјална Москва.

Гувернерот Александар Дрозденко објави дека „борбените операции продолжуваат“, додека градските власти во Санкт Петербург ги повикаа жителите да останат во своите домови. Меѓународниот аеродром Пулково привремено ги прекинал летовите.

Според руското Министерство за одбрана, во текот на ноќта биле пресретнати вкупно 376 украински беспилотни летала.

Украинските сили соопштија дека руската армија целела на мети во Запорожје и градот Одеса.

Интензивната размена на оган доаѓа во време кога рускиот Претседател Путин ја одби поканата за средба со Зеленски за договор за крај на војната.

Властите на Демократска Република Конго денес соопштија дека во изминатите 24 часа се потврдени 71 нов случај на ебола и предупредија на брзо ширење на оваа смртоносна болест во локалните заедници.

Со најновите податоци, вклучени во дневниот извештај за состојбата што го објави Министерството за здравство, вкупниот број потврдени случаи се зголеми на 452 од појавата на реткиот сој на ебола на 15 мај, пренесува Ројтерс.

Досега потврден е 81 смртен случај а појава на вирусот е регистрирана и во соседната држава Уганда.