Преглед на вестите од светот
Вооружен со пиштол, тајландски тинејџер уби пет вработени во средно училиште, откако претходно ги убил своите баба и дедо. Убиените се наставници и персонал од училиштето.
Во нападот биле повредени над 20 лица, од кои девет се во критична состојба. Тинејџерот, кој имал 14 години, го употребил пиштолот на својот дедо. Испукал 26 куршуми, а по нападот се самоубил.
„Ова е тажен инцидент, но исто така беше и среќа што сè заврши, бидејќи студентот што го изврши пукањето сè уште имал околу 30 куршуми. Да не одлучел да се самоубие, можеби ќе наштетел на повеќе луѓе.“
Според тајландскиот премиер, напаѓачот живеел со своите баба и дедо, а не со родителите, кои биле разведени.
Бабата била поранешна наставничка и имала високи очекувања од него, па била строга во однос на неговите резултати во школувањето, што, според информациите, го навело да го испланира ова злосторство.
Инаку, ова е второ пукање во училиште во Тајланд оваа година, откако еден наставник загина, а еден ученик беше повреден во февруари.
Поседувањето оружје и насилството со оружје не се невообичаени во Тајланд, каде што во последните шест години се случија повеќе напади во кои меѓу жртвите има и деца.
Украинскиот претседател Зеленски утре ќе ја има својата прва официјална посета на Србија. Медиумите шпекулираат дека посетата е политички сигнал, односно дека Вучиќ ѝ врти грб на Русија. Сепак, официјално е најавено дека економијата ќе биде главна цел на посетата.
Се најавува отворање заедничка фабрика за производство на дронови.
Инаку, Србија е единствената земја кандидат за членство во Унијата која не воведе санкции кон Русија поради нападот врз Украина, по што Белград беше критикуван од Брисел и повикуван да се усогласи со надворешната политика на ЕУ.
Саудиска Арабија, Турција и Пакистан потпишаа договор за заедничка одбрана, велејќи дека нападот врз една од нив би се сметал за напад врз сите три држави.
Иако нема детали за обврските што секоја од нив ги има, во соопштението се вели дека пактот има за цел зајакнување на нивната колективна безбедност и промовирање на мирот, сигурноста и стабилноста во регионот и пошироко.
„Политичката симболика на самитот е значајна. Три од највлијателните држави во муслиманскиот свет се состануваат во момент на зголемена неизвесност, демонстрирајќи растечка подготвеност меѓу регионалните и средните сили поблиску да се координираат по безбедносните прашања“, рече Абдулазиз Сагер, претседател на Истражувачкиот центар за Заливот, тинк-тенк со седиште во Саудиска Арабија.
Војната меѓу САД и Иран ја вовлече и Саудиска Арабија и го попречи превозот на нафта низ Ормускиот Теснец и Црвеното Море, што е особено значајно за најголемиот извозник на нафта во светот.
Саудиска Арабија е најмоќната држава во Заливот, дом е на најсветите места на исламот и еден од најголемите купувачи на оружје. Турција е втора по големина воена сила во НАТО, а Пакистан е единствената муслиманска земја со нуклеарно оружје.
-

Наташа Мерсовска
Сите содржини од овој новинар
