Loading Video...
Свет
8. August 2026 - 19:50

Преглед на вестите од светот

Иран и Оман го финализирале општиот рамковен договор за управување со пловидбата низ Ормускиот Теснец, јавуваат иранските медиуми. Според Техеран, двете земји се блиску до конечен договор за безбедна комерцијална рута, а деталите треба да бидат објавени наскоро. Американски претставник за Ројтерс изјавил дека по постигнувањето договор за непречена трговска пловидба, САД ќе ја укинат блокадата на иранските пристаништа. Иранските преговарачи, според дипломатски извори, сè уште чекаат конечна согласност од Врховниот совет за национална безбедност на Иран. Иранската револуционерна гарда денеска порача дека отворањето на теснецот зависи исклучиво од Иран

Техеран ја заостри контролата врз теснецот, по нападите на Израел и САД на иранска територија, што го означи стартот на војната која трае повеќе од половина година.

Тод Бланш, поранешниот адвокат на Доналд Трамп, е потврден за нов државен обвинител на САД. Сенатот ја одобри неговата номинација со тесни 50 гласа „за“ и 49 „против“ и покрај тоа што две републикански сенаторки гласаа против. 

Бланш изминатите месеци ја извршуваше функцијата вршител на должноста, а претходно беше еден од главните адвокати на Трамп во неговите кривични постапки. Со потврдата, тој и формално го презема раководењето со американскиот Оддел за правда со што се комплетираше кабинетот на Трамп.

Шпанија од полноќ повторно воведе гранични контроли за патниците кои пристигнуваат од Италија, како одговор на истата мерка што претходно ја воведе владата на Џорџа Мелони за патници од Шпанија. Контролите ќе се спроведуваат на аеродромите и пристаништата со директни врски со Италија и засега ќе важат до 7 септември.

Одлуката на Мадрид следува откако Италија одби да ги укине контролите за патниците од Шпанија, воведени по масовниот прилив на мигранти од Мароко во шпанската енклава Сеута. Рим најави дека својата мерка нема да ја преиспитува најмалку до 15 август, повикувајќи се на миграциски и безбедносни ризици.

Со реципрочните мерки дополнително се продлабочува спорот меѓу владите во Мадрид и Рим околу миграцијата и примената на правилата на Шенген.