Loading Video...
Свет
18. March 2024 - 16:34

Преглед на вестите од светот

Рускиот Претседател Владимир Путин убидливо ги доби осмите претседателски избори. За него гласаа над 76 милиони Руси или 87% од гласачите кои во огромно мнозинство од над 77% излегоа на гласање. Во својот победнички говор, старо - новиот руски претседател упати серија критики до западот. Порача дека од нив зависи колку долго ќе трае војната во Украина, повикувјаќи ги да не инфилтрираат своја војска бидејќи тоа може да доведе до трета светска војна. Најголема благодарност им упати на руските војници

За победата на Путин очекувано силни критики до западниот свет. Европската унија изборите ги оцени како недемократски, за Германија тие беа очекувана катастрофа додека за Британците далеку од фер натпревар. Честитки Путин доби од Кина, Куба, Венецуела, Северна Кореја и Боливија

Досегашната министерка за надворешни работи Марија Габриел од партијата на Бојко Борисов ќе биде новата бугарска премиерка, откако Николај Денков поднесе оставка на 5 март. Неговиот потег му овозможи на ГЕРБ да формира влада на девет месеци, како што беше договорено по минатогодишните избори.

Габриел е втора жена премиерка на Бугарија по Инџова која раководеше со бугарската влада на средина од деведесетите.

Илјадници Палестинци утрово се собраа пред центарот за помош на Обединетите нации во Газа во исчекување на храна откако Израелската армија по подолг период дозволи неколку камиони да влезат во појасот.
Помошта се состои од брашно, ориз, конзервирана храна и шеќер. Меѓународните организации предупредуваат дека Газа се соочува со сериозна опасност илјадници луѓе да умрат од глад.
Според Обединети нации, поради израелската офанзива, 85 отсто од населението на Појасот Газа е внатрешно раселено и се соочува со акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, додека 60 отсто од инфраструктурата на енклавата е оштетена или уништени.