Преглед на вестите од светот
Израел продолжи со нападите со тенкови и артилерија врз градот Рафа во јужниот дел на Појасот Газа, само неколку часа откако американскиот претседател Џо Бајден изјави дека Израел нуди план во три точки за целосен прекин на огнот.
Понудата, покрај целосниот прекин на огнот, вклучува и „повлекување на израелските сили од сите населени области на Појасот Газа и ослободување на голем број заложници, вклучувајќи жени, постари лица и повредени, во замена за ослободување на стотици палестински затвореници“ од израелските затвори. Третата фаза би вклучувала сеопфатен план за реконструкција на Газа.
Сепак израелскиот премиер не отстапува и вели дека неговата земја ќе води војна додека не ги постигне сите свои цели, вклучително и уништување на радикалната палестинска група Хамас.
Русија изврши голем напад со проектили и беспилотни летала на Украина. Во нападите оштетени се енергетски објекти во пет региони низ земјата. Украинскиот претседател Володимир Зеленски реагира дека целосната заштита на украинското небо мора да стане норма и дека на земјата и се потребни повеќе системи за противвоздушна одбрана. Според командантот на воздушните сили, украинската противвоздушна одбрана соборила 35 руски ракети и 46 дронови.
Русија од март го засили бомбардирањето на украинската енергетска инфраструктура, што доведе до недостиг од струја и увоз на електрична енергија на рекордно ниво.
Бугарија ја тресе дипломатски скандал по гласањето на Резолуцијата за Сребреница. Бугарските медиуми објавуваат преписка помеѓу премиерот Главчев и постојаниот претставник на Бугарија во ОН, Лачезара Стоева, во кое бара од неа да се воздржи,. Ваквите насоки не биле испочитувани и таа гласала „за“, бидејќи според неа , „промената на ставот на Бугарија, која е коавтор на резолуцијата, ќе влијаело на угледот на земјата“.
Бугарија беше меѓу 84-те земји кои гласаа за.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар