Преглед на вестите од светот
Париз како бојно поле. По победата на ПСЖ во Лигата на шампионите – се створи вистински хаос на улиците во Франција. Двајца загинаа, а скоро двесте лица се повредени во инцидентите и насилството на булеварите. Цели делови од градот беа блокирани, а полицијата уапси над 400 лица.
Илјадници специјалци беа распоредени на улиците околу стадионот каде се играше утакмицата меѓу ПСЖ и Интер. Користеле и солзавец за да го вратат редот на улиците, додека дел од навивачите палеа автомобили на различни локации.
Парадата на шампионите е планирана за следните неколку дена, а се очекува играчите на ПСЖ да бидат пречекани на Шанзелизе во 17 часот. Фудбалерите на ПСЖ станаа европски шампиони за првпат во историјата, победувајќи го Интер со резултат од 5:0.
Три лица загинаа во пожар што избувнал рано утрово во болницата Мариен во германскиот град Хамбург. Повеќе од десет лица вработени и пациенти се здобиле се повреди и завршиле во болница.
Локалните противпожарни служби соопштија дека пожарот избувнал среде ноќ и дека неколку лица биле заглавени во своите соби поради чадот.
Портпаролката на болницата Мариен, Натали Кругер, изјави дека пожарот бил стресен за сите во болницата.
„Да, имавме пожар вчеравечер, кој беше многу стресен за сите нас, многу вознемирувачки за персоналот и пациентите. Нашиот приоритет беше и се уште е да ги заштитиме нашите пациенти и вработени“, кажа портпаролката.
Една од жртвите од пожарот претрпела повреда опасна по живот, 18 биле во сериозна состојба, а 15 имале полесни повреди. Три лица не можеле да бидат спасени и починале на местото на настанот.
За 24 часа се срушија два моста во Русија. Во регионот Брјанск, воз излетал од шините откако врз него падна мост. Во оваа несреќа загинаа шест лица, а повредени се 70.
Руските железници првично објавија дека уривањето на мостот во Брјанск е резултат на „нелегално мешање во работењето на транспортот“, но објавата подоцна беше отстранета.
Подоцна, се сруши друг мост, во Курскиот регион, додека товарен воз минувал преку него. Во овој инцидент, со повреди се здобил еден од машиновозачите.
Истражниот комитет на Русија ги класифицираше железничките несреќи кои се случија во Русија како терористички напади. Руското Министерство за вонредни ситуации соопшти дека противпожарните и спасувачките екипи се обидуваат да ги пронајдат патниците во возот.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар