Преглед на вестите од светот
Милорад Додик заминува од функцијата претседател на Република Српска. Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина, постапувајќи според пресуда на Судот му го одзеде мандатот. Но тој доби рок за жалба пред новите избори. По овој рок се очекува да бидат распишани предвремени избори во рок од 90 дена.
Неговиот мандат беше одземен по правосилна пресуда според која беше осуден на една година затвор или парична казна и шестгодишна забрана за вршење политички функции.
Откако остана без претседателската функција Додик остро реагираше во негов стил.
Тричасовна средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп – Стив Виткоф. Се уште нема официјални детали од средбата, но неофицијални извори брифираат дека разговорите биле корисни и конструктивни. Русија примила некои сигнали од Трамп, а испратила некои сигнали како одговор, брифираат руски функционери.
Виткоф денеска пристигна во Москва и ова е петта посета на Русија од почетокот на годината.
Ако е точно дека Нетанјаху планира да ја прошири воената операција низ целиот Појас Газа последиците би можеле да бидат катастрофални, предупредуваат Обединетите Нации.
-Најновите извештаи во врска со можната одлука на премиерот Нетанјаху да ги прошири воените операции на Израел низ целиот Појас Газа, доколку се вистинити, се длабоко алармантни. Ова би можело да доведе до катастрофални последици за милиони Палестинци и дополнително би можело да ги загрози животите на преостанатите заложници во Газа, вели асистентот на генералниот секретар на Обединетите нации Мирослав Јенца.
Додека светот стравува од идните потези на Нетанјаху, Палестинците се уште гладуваат. Неухранети деца и возрасни немаат пристап до храна.
-Се плашам само од едно, да не ја изгубам ќерка ми. Таа постојано вели: „Прости ми, мамо!“ и се плашам дека секој здив може да и биде последен. Се што се молам е да ја видам повторно здрава како што беше порано, вели мајка на неухрането дете.
Палестинците кои се обидуваат да стигнат до хуманитарната помош се мета на изралските безбедносни сили. Израелската војска и денеска отвори оган врз хуманитарен пункт додека гладните Палестинци се обидуваа да дојдат до храна.
-Се упатив кон Нецарим да земам нешто за јадење. Не одев таму да се борам или да убивам некого. Само отидов да земам храна. По пат отворија оган директно врз нас. Истрели насочени кон главата, градите и нозете. Сакаа да не убијат. Но фала му на Бога куршумот ми ја изгреба главата и излезе од другата страна, вели еден Палестинец.
Палестинците молат за подобри услови за живот. Велат дека немаат услови ниту да се прехранат, ниту каде да живеат.
-Луѓето во Газа секојдневно страдаат во камповите за раселени лица, живеејќи во шатори несоодветни ниту за лето, ниту за зима. Покрај тоа, постои акутна неухранетост, без овошје, зеленчук или месо. Хуманитарната ситуација во Газа е катастрофална, вели еден Палестинец.
Конвој со хуманитарна помош преку граничниот премин Рафа со Египет пристигна во Газа. 600 камиони се очекува секој ден да влегуваат во Газа во обид да ја стават под контрола хуманитарната криза.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар