Преглед на вестите од светот
Најмалку еден загинат и 30-тина повредени по земјотресот со јачина од 6,1 степени според Рихтер во Турција. Земјотресот ја погоди северозападната провинција Баликесир. Урнати се десетина згради, а се уште трае спасувачката мисија на локалните слуби.
Земјотресот се случи изутрината, нешто пред 8 часот, а почувствуван бил во повеќе околни провинции, вклучувајќи го и најголемиот турски град, Истанбул.
Двајца новинари и тројца сниматели на Ал Џезира се убиени во израелски напади во Газа. Меѓу нив е и Анас ал-Шариф кој доби награда за бранител на човековите права на Амнести интернешнл во декември минатата година.
Повеќе светски медиуми објавија дека израелската војска го таргетирала ал-Шариф тврдејќи дека тој служел како шеф на терористичка келија во ХАМАС и бил одговорен за ракетни напади врз израелски цивили и израелски војници.
- Шаторите гореа. Секако, граѓаните на почетокот помислија дека другите шатори ќе бидат цел. Никој не излезе напред. Јас излегов напред. Јас и мојот снимател излеговме напред. Го најдов Мохамед Крејкех како гори овде. Се искачив преку него за да го изгаснам, да го изгаснам Мохамед. Се обидов да го извлечам, да го извадам. Не можев, вели новинарот Вадих Абу Саоуд.
Колегите со остра осуда.
- Она што им се случи на овие новинари е комплексен израелски злостор против новинарското семејство, злосторство против човештвото, злосторство против слободата, злосторство против новинарството. Овие млади мажи и овие новинари беа убиени, мачени, запалени, уапсени или ранети само затоа што избраа да известуваат за страдањето на својот народ, жени, стари лица и деца. Тие известуваа за масакрите, раселувањето и гладот во Појасот Газа, рече новинарот Мохамед Ал-Сиќили.
Израелскиот премиер Бејнамин Нетанјаху веќе изјави дека е решен да го одобри планот за проширување на воената операција на целата територија на Појасот Газа и покрај реакциите на меѓународната заедница. Во моментот израелската војска контролира помеѓу 70 и 75% од Газа.
Ова предизвика остра реакција од претставниците на Обединетите Нации.
- Не постои воено решение за вооружениот конфликт во Газа или за поширокиот израелско-палестински конфликт. Нема да има одржливо решение без прекин на незаконската окупација на Израел и постигнување одржливо решение за две држави. Газа е и мора да остане составен дел од палестинската држава.
Во меѓувреме доаѓаат нови најави за признавање на Палестинската држава. Австралија најави дека на 80-та сесија на Обединетите Нации ќе ја признае Палестина.
Европа се бори со шумски пожари. Растот на температурите предизвика хаос во неколку држави. Пожари беснеат и во соседно Косово.
Пожарникарите дојдоа вчера, но немаа вода, немаа алатки. Ние, мештаните, им се придруживме. Тие повеќе не се тука, но ние продолжуваме и се обидуваме да го спречиме пожарот. Колку што можеме.
Пожари беснеат и во Хрватска.
- Се надеваме дека ситуацијата нема да ескалира пред вечерва и дека ќе можеме да ги одржиме рабовите на пожарот, а потоа некако ќе ја преживееме ноќта и утре ќе продолжиме со санацијата.
Состојбата е алармантна во Шпанија. Огнената стихија однесе неколку куќи и предизвика итна евакуација на стотици луѓе во близина на Лас Медулас – национален парк заштитен од Унеско. Состојбата е критична во повеќе региони, а експертите велат дека медитеранскиот регион станува се потопол и потопл, и оти во иднина ќе има се повеќе шумски пожари.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар