Преглед на вестите од светот
Ескалација на деветмесечните протести во Србија. Поддржувачи на владејачката СНС фрлаа факели и петарди врз антивладините демонстранти во Нови Сад. Интервенираше и полицијата – настана хаос.
16 повредени полицајци и 80 повредени поддржувачи на СНС е официјалниот биланс од вчерашните судири.
- Лицата што го прекршиле законот ќе бидат уапсени. Спречивме катастрофално сценарио планирано од некој од странство, рече претседателот Вучиќ.
Студентите обвинија дека власта со вчерашните судири сакала да предизвика граѓанска војна. Вучиќ тврди, граѓанска војна нема да има.
Снимките на социјалните мрежи, но и од дел од српските медиуми покажуваат како факели и петарди се фрлаат кон демонстрантите од правец на канцелариите на СНС.
Припадник на српската војска испука предупредувачки куршум во воздух. Денеска во изјава за медиумите рече дека тоа го направил за да заштити животи. Обезбедувал неименувана личност, а според неговите тврдења, заедно со стотина колеги биле потиснати за ѕид, и опколени од три страни од страна на демонстранти.
Според опозицијата, одговорност за судирите кои освен во Нови Сад ги имаше и во Белград, е кај поддржувачите на Вучиќ.
Трагедијата во Нови Сад кога при пад на натрешница на железничката станица загинаа 15 луѓе беше иницијална каписла за големи антивладини протести во Србија. Протестите ги предводат студентите кои најавија дека на следните избори ќе имаат и своја листа сочинета од непартиски лица.
Сите очи вперени кон Аљаска во пресрет на средбата Трамп – Путин. Средбата е прва на лидерите на двете држави од почетокот на руската инвазија врз Украина. Според пишувањата на светските медиуми, Русија е подготвена за прекин на огнот кој ќе дозволи припојување на украински територии од истокот на државата кон Русија. Претходно, Трамп се закани дека ќе има големи последици доколку Путин не прифати мир во Украина.
Експертите сметаат дека Путин ќе мора да достави нешто за Трамп на средбата доколку навистина е подготвен за примирје.
- Путин ќе мора да испорача барем нешто за г-дин Трамп, што може да го продаде дома. А тоа може да биде прекин на огнот кон украинските градови во внатрешноста. Ништо повеќе, но ништо помалку. Тоа би значело за цивилите дека би можеле да спијат цела ноќ веќе три години првиот пат. Значи, ова е првиот чекор кон мир. Не можеме да очекуваме многу повеќе, но можеби ќе бидеме изненадени.
Во пресрет на средбата Трамп телефонски разговараше со европските лидери и со претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
Поентата е дека Европејците издадоа документ и потоа му го презентираа на г-дин Трамп. И г-дин Трамп одвои време да ги сослуша, што не му е апсолутно неопходно бидејќи можеше да го испрати г-дин Венс. Значи, сè на сè, состанокот беше прво политички неопходен, а второ, тоа беше добра шанса за Европејците барем да му покажат на светот што мислиме ние за тоа каков треба да биде исходот утре во Алјаска.
Европската Комисија ја поздрави претстојната средба Путин – Трамп.
- Во врска со безбедносните гаранции, украинските сили мора да бидат способни да ја бранат својата земја. И, секако, го поздравуваме тоа што претседателот на САД изјави дека САД ќе учествуваат во такви безбедносни гаранции. На крај, но не и најмалку важно, друга точка на општ консензус беше притисокот врз Русија. Од наша страна, многу добро знаеме дека санкциите функционираат. Тие вршат голем притисок врз Русија. Веќе имаме имплементирано 18 пакети санкции. Како што веќе велевме во претходните денови, моментално работиме на 19-ти пакет.
Зеленски, пак, во пресрет на средбата отпатува во Лондон и се сретна со премиерот на Британија, Кир Стармер. Претходно, Зеленски го предупреди Трамп дека Путин блефира дека има желба да стави крај на војната.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар