Loading Video...
Свет
27. September 2025 - 16:30

Преглед на вестите од светот

Германскиот министер за внатрешни работи изјави дека заканата од беспилотни летала е „висока“ и земјата ќе преземе мерки за да се одбрани.

Меѓу мерките, Германија ќе се обиде да го измени законот за безбедност во воздухопловството за да им овозможи на вооружените сили на земјата да се вклучат во евентуалното соборување на дронови.

„Забележуваме постојана хибридна закана. Станува збор за саботажа и шпионажа. Секој можеше да чуе во изминатите неколку дена дека има зголемена употреба на беспилотни летала над делови од Германија. Нашите соседни земји исто така пријавуваат зголемување на бројот на беспилотни летала, со различен степен на ефикасност. Постои закана што може да се класифицира како високо што се однесува до беспилотните летала. Ова е апстрактна закана, но во поединечни случаи е многу конкретна“- изјавио Александар Добриндт, министер за внатрешни работи на Германија.

Властите во Европа се во состојба на зголемена готовност поради упади со дронови во Данска, кои во текот на изминатата недела неколку пати предизвикаа затворање на воздушниот сообраќај во различни делови од земјата.

Русија изврши масовен воздушен напад врз Украина со 115 беспилотни летала во текот на ноќта. Според податоците на украинските воздухопловни сили, 97 дронови биле успешно соборени на различни локации.

Покрај тоа, 17 локации биле директно погодени, со материјални штети. Во Запорожје, град во југоисточниот дел на земјата, тешко бил оштетен супермаркет, како и голем број возила во близина на местото на експлозијата.

„Бев на работа, си ја вршев својата задача. Не слушнав никаков звук, видов само блесок, проследен со експлозија и силен тресок. Сè паѓаше. Потоа излеговме на улица и видовме дека сè надвор гори. Видовме уште еден дрон како доаѓа. Потрчавме кон засолништето и додека се случи следната експлозија, веќе бевме внатре“ – вработен во маркет.

Во петокот, руското Министерство за одбрана објави дека во периодот од 20 до 26 септември спровело еден масовен и шест групни напади со високопрецизно оружје и дронови, насочени кон воени и инфраструктурни цели во Украина.

Половина од бензинските пумпи во Крим и Севастопол престанаа да продаваат бензин поради сериозни прекини во снабдувањето со гориво. Ситуацијата е оценета како критична, а локалните власти веќе воведоа систем на рационализација – гориво можат да добијат само службени возила.

„Дојдов на оваа бензинска пумпа да видам дали има бензин. Вчера се појави — пред тоа, неколку дена немаше бензин на ниту една пумпа. Тоа беше проблем“ - жител.

Многу пумпи се целосно затворени, а оние што сè уште работат нудат само дизел и природен гас.

„Поради тоа што некои рафинерии моментално не работат, се соочуваме со проблеми и прекини во снабдувањето со гориво. Се очекува во рок од два дена бензинските пумпи да бидат снабдени со потребната количина бензин Аи 95. Проблемот со достапноста на бензин Аи 92 ќе биде решен во рок од две недели“ - изјави Сергеј Аксјонов, шеф на Крим контролиран од Русија.

Недостигот на гориво следува по серија украински напади со дронови врз руски рафинерии за нафта. Според „Фајненшл тајмс“, од август наваму биле нападнати најмалку 16 од вкупно 38 рафинерии во Русија. Само во август, Русија изгубила најмалку 17% од капацитетот за преработка на сурова нафта.