Loading Video...
Свет
28. September 2025 - 16:41

Преглед на вестите од светот

Во Молдавија денеска се одржуваат парламентарни избори кои веќе се оценети како клучни за иднината на земјата. Претседателката Санду ги нарече „најважните во историјата на државата“, а резултатите би можеле да го одредат правецот – дали земјата ќе продолжи по патот кон Европската Унија или ќе се врати под влијание на Русија.

„Ако Молдавците не се мобилизираат доволно и ако мешањето на Русија значително влијае на нашите избори, тогаш Молдавија може да изгуби сè што освои. А ова би можело да создаде значителни ризици и за други земји како Украина, но и за земјите од ЕУ во регионот“ – Маја Санду, претседателка на Молдавија.

Според властите, постојат докази за обиди на Москва да влијае врз резултатите преку финансирање на опозициски партии, дезинформации и дури и поткуп на гласачи. Во последните недели, полицијата приведе 74 лица под истрага дека правеле „планови за дестабилизација“.

Голем број граѓани протестираа во Перу поради новите правила на пензискиот систем според кои сите над 18 години треба да се приклучат на пензиски фонд.

На протестите се приклучија и возачи и трговци кои се жалат на лошата безбедност и високи цени.

Полицијата употреби солзавец за да ги растера демонстрантите.

„Протестиравме мирно и за жал тие ги нападнаа луѓето, испукаа куршуми, солзавец. Полицијата е силна против луѓето, но кога станува збор за фаќање криминалци и платени убијци, тогаш не е“ - демонстрант.

Овој бран на протести е дел од поширок тренд на младински протести во светот, со слични движења во Индонезија и Непал.

Виетнам планира евакуација на повеќе од 250.000 луѓе пред пристигнувањето на тајфунот Буалои.

Во очекување на бурата, мобилизирани се речиси 117.000 војници. Четири национални аеродроми се затворени, а сите рибарски бродови што се на патот на тајфунот се повикани да се вратат во пристаништето. Властите предупредуваат дека очекувани се силни ветрови, поројни дождови, поплави и одрони.