Преглед на вестите од светот
За време на отворањето на музејот Лувр во Париз вчера се случил грабеж, соопшти француската министерка за култура Рашида Дати. Инцидентот наводно се случил во моментот кога првите посетители почнале да влегуваат во музејот, по што веднаш била распоредена полицијата, а посетителите биле предупредени да не влегуваат во музеј. „Поради грабежот, музеј Лувр е затворен за посетители од вонредни причини“, се вели во соопштението за медиумите објавено од музејот на таа социјална мрежа, пренесува дневниот весник „Фигаро“.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека решението за украинскиот конфликт е можно само преку политички договор што би отворил простор за економска соработка со Русија, а не преку понатамошно вооружување на Киев. Тој рече дека нема да ја доведе во прашање безбедноста на Соединетите Американски Држави поради војна што „Америка не ја започна, ниту може да се заврши со туѓо оружје“. Според Трамп, наместо бесконечно да испраќа оружје во Украина, Вашингтон мора да се грижи за сопствената безбедност и приоритети.
Израел денеска објави дека трансферот на хуманитарна помош за Газа е суспендиран „до понатамошно известување“ бидејќи според нив Хамас го прекршил прекинот на огнот, што исламистичкото палестинско движење го негира.
Израелската армија повторно ја нападна Газа во текот на вчерашниот ден, наведувајќи одмазда за нападите на Хамас врз нејзините војници. Сепак доцна синоќа Израелската армија објави дека го продолжува примирјето. Палестинската цивилна одбрана соопшти дека најмалку 33 лица се убиени во израелските воздушни напади. Израелската армија соопшти дека погодила десетици цели на Хамас, вклучувајќи команданти на терен, вооружени борци, тунел и складишта со оружје во палестинската енклава, во услови на меѓусебни обвинувања меѓу Израел и палестинската група за кршење на примирјето посредувано од американскиот претседател Доналд Трамп, кое стапи на сила на 10 октомври.
-

Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар
