Македонија
18. јуни 2025 - 10:42

Претседателот на Собранието Гаши во Азербејџан се сретна со министрите за енергетика и за надворешни работи

Во рамки на официјалната посета на Азербејџан, претседателот на Собранието Африм Гаши, оствари средби со министрите за надворешни работи и за енергетика, Џејхун Бајрамов и Парвиз Шахбазов.

Како што соопшти Собранието, на средбата со министерот за надворешни работи, Џејхун Бајрамов, Гаши го поздравил интензивирањето на комуникацијата меѓу владините претставници на двете земји и додал дека се отвораат можности за поголема соработка на сите полиња.

Бајрамов истакнал дека како две пријателски држави без отворени прашања, треба да ја унапредиме соработката, не само во делот на стопанството и енергетиката, туку и во делот на туризмот.

Двајцата соговорници, како што се посочува во соопштението, заклучија дека во услови на геополитички предизвици, унапредувањето на меѓусебните добри односи и соработка ќе претставува промоција на мирот и стабилноста за поширокиот регион.

На состанокот со министерот за енергетика Шахбазов, претседателот на Собранието Гаши ги поздравил заложбите за зајакнување на партнерството во областа на снабдување на гас, што биле искажани во досегашната комуникација меѓу двете држави.

- Тој потенцираше дека за нас многу е важно да обезбедиме долгорочни договори за снабдување со гас, како и потенцијални инвестиции во гасната инфраструктура во Северна Македонија, посочуваат од Собранието.

Министерот Шахбазов најавил дека веќе се разгледуваат можностите за зголемување на соработката со Северна Македонија во делот на снабдувањето со природен гас и најавил дека на почетокот на есента оваа година планира да ја посети нашата држава. 

На состанокот присуствуваа и пратениците Петар Марков, претседател на Пратеничката група за соработка со Азербејџан, пратеничката Имрлије Салиу-Фетаи, како и генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска.