Пријава и за струмички „Аватар“
Нова снимка од наводна забава во кафе барот Аватар во Струмица повторно кружи на социјалните мрежи. Во објавата стои дека се работи за забава организирана синоќа на која гостувал познат музичар од соседна Србија. На снимката се гледаат голем број гости без заштини маски, но и без потребната дистанца помеѓу нив.
Одговор за тоа колку и дали објектот ги применува пропишаните здравствени протоколи се обидовме да добиеме и од самиот кафе бар, но во текот на денот не успеавме да стапиме во контакт со нив. Во претходните неколку случаи кога беа актуелни за слични ситуации од таму одговорија дека работат согласно закон по сите предвидени протоколи и со ограничен број на гости и без никакви прекршувања.
Информација побаравме и од државниот пазарен инспекторат. Од таму потврдија дека синоќа во Аватар имало забава за време на која не биле почитувани протоколите поради што е поднесена пријава. Од инспекторатот потенцираа дека ова не е прва пријава против истиот објект, но и дека тој во текот на јуни беше затворен поради непочитување на здравствените протоколи.
Овој кафе бар не е единствениот угостителски објект во Струмица кој синоќа доби пријава од пазарната инспекција. Непочитување на протоколите инспекторитe констатирале уште во еден објект во кој имало приватна веселба со поголем број на гости.
И додека масовните групирања и забавите не запираат продолжува трендот на нови позитивни случаи. Вчера во Струмица беа регистрирани рекордни 21 позитивен на корона вирус во едно деноноќие. Со нив бројката на активни случаи во струмичкиот регион се искачи на 178. Поради континиуираниот раст на нови ковид позитивни инфективното одделение на струмичката болница веќе подолго време е целосно исполнето. Тоа беше причина болницата да започне со адаптација на нов простор со цел зголемување на капацитетот за хоспитализација на нови случаи.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар
