Свет
10. December 2022 - 16:31

Приведена потпретседателката на ЕП поради сомнеж за корупција

Потпретседателката на Европскиот парламент, Ева Каили, е привидена поради сомнеж за корупција. Освен грчката европратеничка, во акцијата на белгиските власти, уапсени се уште четири лица. Според наводите на тамошните медиуми, меѓу приведените се и новоизбраниот генерален секретар на Меѓународната конфедерација на синдикати, асистент во Европскиот парламент и поранешен европратеник. При нивното апсење бил направен и претрес со кој биле пронајдени 600 илјади евра во кеш и мобилни телефони. Според белгиското обвинителство, уапсените се осомничени за корупција и перење пари. Неофицијално, во аферата е вмешан Катар, кој преку уапсените функционери се обидувал да влијае на политичките и економски одлуки на Европскиот парламент. Според домашните експерти, акцијата покажува дека за разлика од кај нас, во државите од унијата, нема недопирливи.

„Такви чинови не се толерираат. Гледаме дека има случаи на висока корупција, не остануваат многу функционери поштедени, што, се разбира дека, не е во голем дел случај кај нас, на Балканот“, вели Марко Трошановски, Претседател на Институт за демократија „Социетас цивилис“.

И додека европските држави апсат корумпирани политичари, во земјава тоа ќе го прават странци. Од сите страни пристигнуваат пораки дека е неопходна засилена борба против корупцијата, а Соединетите американски држави испратија и специјален тим за истраги. Сепак, според експертите, не треба да се има преголеми очекувања, бидејќи, конечниот збор пак ќе го имаат домашните институции.

„На крајот како ќе бидат процесуирани, дали нашите институции ќе ги реализираат соодветно истрагите и процесуираат истрагите, без одолговлекување се до застарување како што вообичаено е со висока корупција. Она што е добро, е што преку проактивната работа на ДКСК, сега фокусот е врз Обвинителството, полицијата и судството кои конечно треба да почнат да си ја работат подобро работата, но се разбира дека и актуелните раководства на овие институции треба да бидат ставени под критика на јавноста. Самото тоа што овој тим доаѓа кај нас, значи дека овие институции кои неколку години ги водат тие луѓе, потфрлиле во својата борба“, вели Трошановски.

Земјава, изминатава недела се најде во фокусот на меѓународната заедница, чии претставници побараа засилена борба против корупцијата.. Од Владата пак велат дека постои политичка волја да се справи со таквата појава.