Македонија
28. April 2022 - 19:47

Приведени двајца криумчари на мигранти од скопско

Полицијата приведе двајца криумчари на мигранти од скопско. Криумчарите се откриени и лишени од слобода утрово во близина на Демир Капија. При преглед на нивното возило „ауди“ со српски национални ознаки, биле пронајдени 10 лица илегални мигранти. Од нив пет од Сирија, тројца од Сомалија и двајца од Пакистан.

Околу 06.30 часот кај наплатната станица Демир Капија полицијата дала знак за запирање, но лицата не застанале туку продолжиле да возат. По преземените мерки возилото е запрено, но двете лица се дале во бегство. По пребарување на теренот возачот и совозачот кои се на возраст од 22 и 24 години биле пронајдени и лишени од слобода.

Двајцата криумчари заедно со мигрантите се однесени во полициската станица за понатамошна постапка.  

По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

Од почетокот на неделата ова е втор случај во кој полицијата спречува обид за криумчарење мигранти. Пред три дена беа откриени уште двајца македонски државјани кои со две возила имале намера да прокриумчарат вкупно 17 лица.

Според полициската статистика откривачката дејност од почетокот на годината бележи значителен пораст во однос на истиот период лани. За околу три месеци долж јужната граница откриени се дваесетина случаи за криумчарење мигранти или за околу 56 проценти повеќе во однос на истиот период лани.