Македонија
13. May 2026 - 16:36

Прободеното дете во училиште во Ченто е стабилно, но се уште е на респиратор-министерката бара измени на Законот за образование

Стабилна е состојбата на ученикот кој беше прободен во училишен тоалет во Ченто. Детето и понатаму е на респиратор, но лекарите за Сител потврдија дека веќе е започнат процесот на негово постепено будење.

„Состојбата постоперативно е стабилна. Детето е се уште на респиратор што значи на машина за дишење. Денес е направен конзилијарен преглед од тимовите што ја извршија операцијата и дадена е насока полека да се буди детето, да се намали седацијата. Сега, за сега ќе остане, додека не биде спремно за пуштање“, изјави д-р Игор Мерџановски, директор на ТОАРИЛУЦ.

За случајот известен е јавен обвинител од Одделението за малолетници во ОЈО Скопје кој ќе постапува согласно Законот за правда за децата.

Градоначалникот Бобан Стефковски вели дека ова е изолиран случај и го осуди насилниот чин.

„Безбедносната состојба во сите општински основни училишта на територија на оштина Гази Баба е на највисоко ниво и секое училиште има обезбедување “, изјави Стефковски за Сител.

За утре е свикан состанок и Советот за детско претстапништво во Гази Баба кој треба да резултира со конкретни заклучуци како да се превенираат вакви ситуации во иднина.  Во овој контекст и министерката Јаневска најави законски измени со кои ќе се воведат казни за родителите чии деца вршат насилство во училиштата.

„Ќе ги замолам пратениците да побараат измена и дополнување во Законот за основно, да вметнеме казна за родителот чие дете е сторител на насилие во училиштето. Во моментов разговараме со нив за да се формулира таа измена, изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука. И да напоменам дека се додека се јавува потреба во реалноста ќе правиме измените на законите“, изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука.

Слулајот во училиштето 25 мај не е единствен од ваков тип. Во билтенот на полицијата  минатиот месец беше пријавено дека малолетник бил избоден во училиште  во Арачиново од негов соученик. Токму поради ваквите состојби на зачестено насилство надлежните  покренаа иницијатива за лиценцирање на училишните психолози за да детектираат насилство или други проблеми кај децата.