Македонија
17. July 2025 - 17:06

Продолжен рокот за пријавување на јавниот повик за ангажирање 400 пожарникари

Владата на Република Северна Македонија информира дека, поради силниот интерес и позитивниот одзив на граѓаните, се продолжува рокот за пријавување на јавниот повик за ангажирање на 400 пожарникари низ државата до 23 јули среда.

Одлуката за продолжување на рокот е донесена со цел да им се даде можност на што поголем број заинтересирани граѓани да аплицираат, особено имајќи предвид дека станува збор за значајна мерка која директно го засилува капацитетот на системот за заштита и спасување, особено во пресрет на летната сезона и зголемениот ризик од пожари.

Оваа мерка, која произлегува од Планот за вработување 2025, претставува системско и суштинско вложување во јавната безбедност и грижа за граѓаните. Ангажирањето на 400 пожарникари е прв ваков крупен чекор по повеќе од една деценија и директно одговара на долгогодишниот недостаток на кадар во противпожарните единици.

Владата останува посветена на создавање функционален, брз и ефикасен систем за заштита, а ги повикуваме граѓаните  да ја искористат можноста и да аплицираат. Повикот е отворен за сите квалификувани лица, а сите детали за аплицирањето се достапни на веб- страните на општините.

Генерален секретаријат
Сектор за односи со јавноста