Македонија
25. August 2025 - 16:35

Продолжуваат партиските препукувања пред локалните избори

Не престануваат предизборните партиски препукувања, ниту во македонскиот, ниту во албанскиот политички блок. 

Христијан Мицкоски повторно сака да биде во улога на шпицен градоначалник. СДСМ обвинува дека Орце Ѓорѓиевски е на добар пат да биде истото што и Данела Арсовска. 

Според партијата, последните четири години ВМРО-ДПМНЕ целосно ги игнорирале интересот на граѓаните. 

Скопјани добро се сеќаваат: кога Мицкоски и Арсовска делеа задачи и бизниси, сè им функционираше. Заедно ветуваа бесплатен превоз, а Мицкоски највуваше 100 нови електрични автобуси, па дури и фабрика за производство. Но, се скраа за рацете во медот и го заглавија главниот град во хаос, велат од СДСМ.

Од владејачката партија, пак, тврдат – градоначалниците посветено работеа да реализираат проекти кои го подобруваат целокупното живеење на граѓаните.

-Не беше лесно да се водат општини преземени од претходната локална власт, заглавени во долгови, со блокирани сметки, без никакви проекти. Исто така, не беше лесно работењето со претходната централна власт, која не само што немаше партнерски однос кон градоначалниците, туку и ги опструираше во извршувањето на нивните активности и реализирањето на проектите, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата седум дена на плоштадите во градовите ширум државата, но и во партиските штабови ќе собира предлози и идеи за програмите за локалните избори. 

Генералниот секретар на партијата најави и дека за пишување на програмите ќе бидат ангажирани експерти, професори, но и политичари од партијата со долгогодишно искуство. 

-Од 27 август до 3 септември во временски период од 17 до 21 часот, во сите општини низ државата, на плоштадите или прометните локации во истите ќе бидат поставени штандови дел од акцијата Предложи! Вистинската идеја за вашата општина! каде граѓаните на посебен формулар за оваа акција ќе можат да напишаат своја идеја која сакаат да ја видат реализирана како проект од идните градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ. Во истиот временски интервал ќе бидат отворени и сите штабови низ државата каде членовите на партијата и граѓаните исто така ќе може да ја дадат својата идеја или предлог за проект, вели Сајковски.

ДУИ атакува кон ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму тврдат дека Мицкоски, се претставува како патриот и бранител на македонската кауза, но всушност му штети на сопствениот народ.

-Ударот врз Охридскиот договор не ја унапредува државата, туку ја осиромашува и ја загрозува нејзината европска перспектива. Оваа влада не е влада на граѓаните, туку на „српскиот свет“, со јасна ориентација кон оската Белград–Москва. Секоја нејзина одлука го загрозува евроатлантскиот пат кој Албанците и Македонците го избраа со апсолутно мнозинство, велат од ДУИ. 

Од ВМРО-ДПМНЕ одговорија – ДУИ не се Албанците, Албанците се срамат од нив. Според владејачката партија, кога ДУИ биле фатени во криминал и корупција – тоа не е напад врз Албанците, туку разобличување на мафијашката мрежа која етничката карта ја користела како параван.