Прогласена епидемија на западнонилска треска во пет скопски општини - почина 83 годишен скопјанец
Епидемија на западнонилска треска е прогласена во пет скопски општини – Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром, Бутел и Илинден, како и во повеќе населени места на нивната територија. Во меѓувреме расте бројот на новозаразени. Досега се регистрирани 26 случаи, од кои 24 се лабораториски потврдени. Само еден од Велес, а останатите од Скопје и не патувале надвор од Македонија. Повеќето се над 60 години. Во моментот на болничко лекување на Инфективна има 20 пациенти. Поради компликации од вирусот викендот починал 83 годишен скопјанец.
- Станува збор за 83-годишен пациент од Скопје, кај кого беше потврдена невроинвазивна форма на вирусот, пациентот имаше повеќе придружни заболувања. 8 пациенти се излекувани и испишани и се во домашно закрепнување, изјави д-р Фадил Цана, директор на Клиниката за инфективни болести.
Освен вонредна дезинсекција на местата каде има пријавено случаи, прогласувањето на епидемија значи и дополнителни мерки за заштита на населението велат од Скопскиот Центар и Институтот за јавно здравје. Препорачуваат локалните власти да ги отстранат барите и останатите застоени води во општините, а граѓаните да ја зголемат личната заштита од комарци.
- Една од мерките предвидува и отстранување на сите оние садови, предмети или делови каде што се собира водата, каде што можат да се развијат комарците, сите оние површини како базини, фонтани или други останати водени површини. Во правецот на тоа и институциите може да се вклучат во отстранување на бари или застоена вода, но, пред сè, да се покрене таа свест кај населението за тоа како векторот е присутен и колку е присутен во нивното опкружување, изјави д-р Златко Арсениевски од Центарот за јавно здравје Скопје.
- Да се обрне внимание дома и на водата во саксиите кои се места за размножување на комарците, како и граѓаните кои чуваат вода во отворени буриња, изјави д-р Марија Гочевска од Институт за јавно здравје.
Здравствените власти апелираат до граѓаните ако имаатнекој од симптомите на западно нилска треска како што се висока температура, силна главоболка, гадење, треска, малаксаност,болки во мусклите , а предходно биле каснати од комарец да се јават на лекар.
- Нема место за паника, туку има потреба од внимателност и одговорност, односно граѓаните да преземаат мерки за лична заштита, носење соодветна облека, како и избегнување на места каде е најголема изложеноста на комарци, изјави Јовица Андовски, заменик министер за здравство.
Само летово на Инфективна со симптоми на западнонилска треска биле лекувани 29 пациенти, а едно лице е третирано во приватна болница.
Симптомите се јавуваат 3 до 14 дена по каснувањето од комарец.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
