Македонија
13. April 2022 - 16:36

Производителите на зелка се жалат на ниска откупна цена

Сезоната само што започна, а веќе се јави проблем со откупот на пролетната зелка. Производителите реагираат дека за неколку дена цената драстично паднала. Вината ја лоцираат кај трговците, но и во институциите од кои бараат поголема поддршка и интензивни контроли на терен.Разочарани се бидејќи  повторно биле оставени сами на себе, а моменталните цени од 15 до 20 денари за килограм не биле доволни ниту за покривање на производствените трошоци.

,, Колку може да набере од фолија на пример,  300 до 400 килограми по 15 денари, а имаме веќе трошок по 4000 денари до сега. А јас како земјоделец каде се моите дневници? Значи 4 месеци отвори, затвори, наводнување, копање, не знам што уште ако ставам? Од 15 декември до 15 април на земјоделецот. Еве лично на мене на 100 тони производство по 180 денари да преживеам. И каде води сето ова?,, вели Илија Василев-земјоделец од село Робово.

,, Нашата ситуација секоја година е се исто и пак исто. Затоа сакам да поставам едно прашање до министерството, до министерот и до сите одговорни за таа работа, зошто секоја година се чека зелката кога ќе дојде за сечење па да дојдат да дејствуваат и нешто да прават. Зошто пред време не се преземат некои мерки, да најдат пазари, да најдат нешто, да се договорат со трговците. Да се договори пред време работата, а не да чекаат зелката кога завршува. Цената е катастрофално ниска и секој може да кажи дека тоа не е исплатливо на тие цени на ѓубрива на нафта, на најлон не се исплаќа да биде под 35 до 30 денари.,, вели Васе Панов-земјоделец од село Куклиш.

Според трговците проблемот се јавил поради зголемената понуда на производство, а намалената побарувачка. Голем удел во сето тоа имал и конфликтот во Укранина во која до лани на дневна основа се извезувале од 25 до 30 камини, а годинава само три до четири.

Моменталната состојба со откупот на пролетната зелка беше тема и на заедничкиот состанок помеѓу откупувачите, земјоделците и директорот на државниот инспекторат за земјоделство од каде најавија интензивни контроли на терен.

,, Ние ќе бидеме цело време активни на терен, ќе вршиме надзор на она што е наша законска надлежност, а тоа е една недела да имаат минимална цена, дали се одредени и во ред откупните и кантарните белешки, да нема случајно двојни,  по една да се откупува, а да се издаваат по други што и сега ќе се прави , а и после откупот.,, вели Зоран Шапуриќ-директор на Државен инспекторат за земјоделство.

Според процените површините со пролетната зелка во струмичко годинава бележат зголемување за околу 20%. Се очекува да бидат набрани околу 60 илјади тони. За сега најголемиот дел од производството се извезува во Полска, Романија, Чешка, бившите југословенски простори и многу мал дел во Украина.