Проневерени над 2,2 милиони евра преку регистрација на возила, МВР со детали за акцијата

Во голема полициска акција во Скопје е сузбиена криминална група осомничена дека преку злоупотреби поврзани со регистрација и технички преглед на возила проневерила повеќе од 2,25 милиони евра.
Акцијата била спроведена на 2 и 3 септември од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во координација со ОСПО–ЕБР и под раководство на ОЈО за ГОКК. Кривична пријава е поднесена против шест физички и три правни лица за проневера во службата, перење пари и несовесно работење во службата.
Во рамки на акцијата биле извршени претреси на повеќе локации во Скопје, а приведени се С.С., Ш.С. и З.Ѓ. Полицијата пронашла и одзела околу 27.735 евра, 38.500 денари, 750 швајцарски франци и 100 долари, повеќе мобилни телефони и две возила.
Според МВР, С.С., како управител на правно лице од Кучевиште овластено за технички преглед на возила, во периодот од јануари 2021 до јануари 2026 година изготвувал и доставувал лажни извештаи за наплатени надоместоци при регистрација на возила.
Се сомничи дека на овој начин биле прикривани средства кои требало да завршат кај ЈП за државни патишта, Црвениот крст, Министерството за животна средина и општините. Според истрагата, во изготвувањето и доставувањето на извештаите учествувал и Д.М., раководител на станица за технички преглед.
МВР наведува дека парите биле прикривани преку сметки на осигурително брокерско друштво, а потоа биле префрлани меѓу сметки на правни лица и мешани со приходи од редовното работење, најчесто како позајмици. Дел од средствата, според сомнението, биле користени и за купување недвижности.
Меѓу осомничените е и Т.М., помошник-директор за финансии во ЈП за државни патишта. Таа се сомничи дека пропуштила должен надзор и на тој начин овозможила противправна корист од над 48,4 милиони денари само по основ на надоместок за патна такса.
Кривична пријава е поднесена и против М.Д., овластен сметководител, кој според МВР евидентирал невистинити податоци во сметководствената документација и поднесувал даночни пријави и годишни сметки кои не ја прикажувале реалната финансиска состојба.
Според пресметките на истрагата, со целата шема биле проневерени 138.877.419 денари, односно околу 2,26 милиони евра.
Од вкупниот износ, штетата за ЈП за државни патишта изнесува над 48,4 милиони денари, за Црвениот крст околу 1,5 милиони, за Министерството за животна средина над 5,5 милиони, додека Буџетот и општините биле оштетени за повеќе од 83,3 милиони денари.
Ново на Сител
-

Јамболии, пелени и влажни марамчиња секојдневно ја затнуваат скопската канализација
-

„Безбеден град“ прогласен за најдобар проект за сообраќајна безбедност во Дубаи
-

Тошковски најави мобилни камери и контроли на сообраќајните црни точки низ државата
-

Финска нуди бесплатно патување на 16 мажи и жени од целиот свет со сите платени трошоци и состанок на слепо
-

„Лајка“ со зголемен обем на работа, 52 отсто повеќе заловени кучиња во првите десет месеци од годината
-

Бугарија: Најмалку 11 загинати и десетици повредени во верижните сообраќајки со над 70 возила
-

Откриени повеќе од 20.000 профили на TикТок поврзани со педофилија во Шпанија
-

Унгарскиот премиер потврди дека братот на Виктор Орбан е приведен
