Пропадна Законот за игри на среќа
Ништо од законот за игри на среќа. Пропадна обидот на мнозинството во Собранието да го заобиколи суспензивното вето на Претседателот Пендаровски. На денешната седница на повтореното гласање за законот гласаа само 51 пратеник, десетмина помалку од минимумот за апсолутно мнозинство.
За да биде усвоен Законот потребни се најмалку 61 глас ЗА, при одлучувањето за Законот за игри на среќа и забавни игри, на 145. седница, Законот доби поддршка од 51 глас ЗА, со што не се исполнети условите за Законот да биде усвоен и со тоа завршува процедурата по тој Закон – се вели во појаснувањето од кабинетот на собранискиот Претседател.
Во ДУИ, кои што на мускули го буткаа овој закон денеска не криеја дека се разочарани, но вината наместо кај својот коалиционен партнер ја лоцираа во опозицијата. Уште еднаш потенцираа дека со ветото Пендаровски кај нив си пишал голем грев. Одбија да одговорат дали тоа ќе го чини и поддршката на ДУИ во вториот круг.
Во СДСМ од каде што повеќе од третина од пратеничката група не даде поддршка на законот, причините ги лоцираат во сопствениот како што велат, развиен демократски капацитет
Обложувалниците задоволни.
„Во името на 10 илјади вработени во секторот игри на среќа и нивните семејства оддаваме признание на сите пратеници кои не гласаа за скандалозните и противуставни измени на Законот за игри на среќа после одлуката на Претседателот на Републиката да не го потпише указот за нивното стапување во сила“, велат од Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа
Законот за игри на среќа имаше за цел да ги оддалечи обложувалниците од училиштата најмалку 500 метри. Тоа ќе го намалеше бројот на обложувалници за 80% во исто време кога Артан Груби во име на Владата потпишува договори за отворање на коцкарници кои бизнисот од обложувалниците треба да го префрлат на интернет.
-

Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар
