Македонија
30. January 2022 - 16:33

Протест во Струмица против ковид мерки и поддршка за настава со физичко присуство без маски

Учебната година треба да продолжи со физичко присуство и без никакви протоколи за децата, ова е ставот на здружението за заштита на човекови права Од нас за нас. Тие не ја подржуваат онлајн наставата бидејќи минатогодишното искуство покажало дека тоа е само деградација на образованието на децата со катастрофални резултати. Категорични се и во ставот дека маските не треба да се носат во училиштата.

„Ние како здружение излеговме со став уште на 30 август дека трета опција и таа ја поддржуваме е физичко присуство без никакви протоколи за децата. Се уште стоиме на тој став и сметам дека да, децата треба и е потребно да бидат во училишните клупи и заради подобро образование и заради нивната дружба, меѓутоа маските, особено маските од сите протоколи не треба да ги носат“, вели Гордана Гоџо - претседател на Здружение „Од нас за нас“.

Од министерството за здравство бараат да им одговори по кои научни истражувања децата треба да носат маски и колку тие навистина се ефикасни. Веќе испратиле неколку дописи со овие прашања но одговори не добиле.

„Се додека ние не добиеме докази дека маската е ефикасна во заштита од некакви вируси јас не гледам навистина причина децата да носат кои што и тоа како е докажано дека се штетни за нив. Во однос на ова бидејќи не добиваме одговор од министерството ние се обративме и до агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен каракет и од нив веќе имаме две решенија, односно две жалби сме поднеле,  имаме две решенија со кои тие му наложуваат на министерството да ни одговори на нашите барања, меѓутоа министерството  упорно игнорира да ни ги даде одговорите“, вели Гордана Гоџо - претседател на Здружение „Од нас за нас“.

Истите барања ги имаат и од здружението од Струмица Слобода и Правда од каде велат дека со голем дел од актуелните протоколи се кршат повеќе закони и голем број човекови права.

„Општо со протоколите се кршат закони и се нарушуваат човековите права. Имаме повторно поднесено барање до училишните одбори да ни кажат дали тие ги имаат усвоени протоколите, а ако не  по кој закон и по кој основ ги применуваат протоколите“, рече  Лидија Панова - Здружение „Слобода и правда“.

Претставници од двете здружени и граѓаните кои не ги поддржуваат актуелните ковид мерки денеска повторно излегоа на протест. Исто како и во изминатите неколку месеци со патнички возила и вклучени сирени низ повеќе улици на градот направија протестен караван и побараа нивно укинување.