Македонија
14. January 2026 - 16:36

Прв смртен случај со грип оваа сезона – почина 75 годишна жена на Инфективна

Пациентка на 75 годишна возраст пред три дена починала на Инфективна со потврден грип.

Жената имала повеќе коморбидитети, не била вакцинирана а вирусот кај неа предизвикал компликации поради кои било неопходно болничко лекување. 

-На 11.01 во 10.50 имаме смртен случај на пациентка, кај која е потврден грип од типот А лабораториски, вели д-р Фадил Цана, директор на Клиника за Инфективни болести

Дека лицата со хронични заболувања кои не примиле вакцина против грип се најзасегнати покажува и состојбата на Инфективна. Најголем број од оние кои се на болничко лекување се постари и со повеќе коморбидитети кај кои вирусот предизвикал респираторни компликации.  Гужви има и пред амбулантите.

-Прегледи амбулантно се петкратно зголемени. Хоспитализирани се 25 пациенти од кои некои се на кислородна поддршка а има двајца пациенти кои се на респираторна поддршка интубирани на одделот за интензивно лекување, вели д-р Цана. 

Од Инфективна очекуваат бројот на хоспитализирани да биде уште повеќе зголемен на крајот на месецот и почетокот на февруари кога го очекуваат пикот на грипот. Алармираат до лицата кои се во ризичните групи да не ја одбегнуваат вакцинацијата која штити од компликации од вирусот.

-Луѓето да се освестат дека понекогаш може да има компликации и од обичен сезонски грип и да има лош исход, вели д-р Цана. 

Освен повозрасните со коморбидитети, на удар на вирусот се и децата. Клиниката во Козле и за детски болести се полни со пациенти и тоа од бебиња до 18 годишни кои имаат влошени пневмонии, опструкции и дехидратација. 

Бројот на заболени расте, но дали ќе има пролонгирање на стартот на второто полугодие ќе покаже утрешниот извештај на Институтот за јавно здравје.