Македонија
16. August 2015 - 19:26

Прва интервенција на итен пациент на Државната кардиохирургија

Со минимален рез успешно опериран млад пациент на Државната кардиохирургија.  Пациентот имал тешко заболување на срцето и  бил во животозагрозувачка состојба.  Новата метода викендот на Клиниката ја применил професорот од Швајцарија со македонско потекло Омер Џемаили. Во операционата сала биле и негови колеги од Македонија.

-Овие пациенти се третираат скоро секаде со тоатално  отворање на градниот кош, а ние го опериравме со мал рез до пет сантиметри и само парцијално отворање на градниот кош што му овозможува побрзо да закрепне и да се врати на нормалниот живот,изјави проф.д-р Омер Џемаили, кардиохирург.

-Швајцарскиот концепт за минимално инвазивна хирургија и за хирургија без машина за екстракорпорна циркулација, односно вештачко срце и плуќа, што е секојдневие во Швајцарската клиника го прифаќаме и полека ги имплементираме сите протоколи. Продолжуваме и со нашите операции кои засега одлично одат и се надеваме на се поголем успех, изјави проф.д-р Сашко Јовев, кардиохирург.

Пациентот успешно закрепнува, почнал сам да се движи и за неколку дена ќе биде пуштен дома. Заедно со него во моментот на Кардиохирургија се хоспитализирани уште 6 лица кои исто така успешно се оперирани. Според министерот за здравство се зголемува бројот на операции на новата  Клиника.

-На Државната кардиохирургија постојано се зголемува бројот на пациенти кои се третирани и досега, оперирани се 95 пациенти, изјави Никола Тодоров, министер за здравство.

За наредната недела подготвени се и ќе бидат оперирани срцата на уште тројца пациенти.