Македонија
22. August 2022 - 16:43

Прва седница на координативното тело за африканска свинска чума: Состојбата е стабилна, нема ново жариште

Стабилна е состојбата со африканската свинска чума и нема нови жаришта изминативе 10 денови по последниот случај на заразена свиња во Облешево, е заклучокот од првата седница на координативното тело при Агенцијата за храна и ветеринарство. Заклучно со вчера, убиени и нештетно отстранети се 1 305 свињи. Сите жаришта со потврдени позитивни случаи се затворени, а во 3 целосно се спроведени мерките за депопулација.

- Фармерите мора да ја сфатат сериозноста на болеста. Зајакнување на биосигурносните мерки внатре во фармата, преку дезинфекциони бариери, ограничување на движење на луѓе, бидејќи луѓето преку опремата, чизмите, обувките, се главни фактори кои што ја шират болеста- изјави проф. Димитар Наков, Земјоделски факултет - УГД – Штип

За обештетување на фармерите и споведување на мерките за контрола и искоренување на болеста, во најкус можен рок до Владата ќе биде предложено формирање на интервентен наменски фонд со предлог буџет. Ловечаката федерација да преземе мерки за итна максимална депопулација на дивите свињи, што се природен резервоар на вирусот, посебно во граничните предели со регионите под надзор. Да се интензивира контролата на личниот багаж на аеродромите и граничните премини при влез во државата и на дневна основа да ја информираат Агенцијата, за количината и видот на запленетите производи од животинско потекло.