„Пулс“ незаконски бил пренаменет во дискотека, објектот бил предвиден за лесна индустрија
Објектот во кој работела дискотеката „Пулс“, не смеел да биде пренаменет во угостителски објект. Ова се дел од наводите во градежното вештачење презентирани на денешното судење за пожарот во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Урбанистичкиот вештак, Душица Трпчевска Ангелковиќ, објасни дека според урбанистичкиот план на општината, никогаш на таа локација не бил предвиден угостителски објект – просторот бил наменет само за лесна индустрија.
„Според урбанистичко-планската документација на Кочани од 1998 година до денеска и согласно Законот за градење, на предметната локација на која работел „Пулс“, не е дозволена пренамена на индустрискиот објект во објект за вршење на угостителска дејност – дискотека“, изјави во судницата Душица Трпчевска Анѓелковиќ, урбанистички вештак.
Според вештачењето, лиценцата за работа на „Пулс“, не значела дека општинските служби немале обврска да контролираат за што се користи објектот.
„Станува збор за објект од локално значење за кое одобрението за градење го издава градоначалникот. Значи, дека општината е повикана да постапува и контролира дали објектот се употребува согласно одобрението за градење кое произлегува од ДУП“, истакна Трпчевска-Анѓелковиќ.
Според родителите, градежното вештачење ги потврдило децениските неправилности и пропустите поврзани со работата на„ Пулс“.
Градежното вештачење за „Пулс“ опфаќа повеќе аспекти, па на следното судење закажно за идната недела ќе се презентираат наодите од противпожарната заштита на објектот и материјалите вградени во дискотеката.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
