Македонија
28. July 2025 - 16:35

Пуштен првиот од петте заглавени базени

По 65 месеци, наместо првично предвидените 18 месеци пуштен во употреба првиот од вкупно петте заглавени затворени базени. Најавени во февруари 2020 година од поранешниот директор на Агенцијата за спорт, Дарко Каевски, шесте базени во Кисела Вода, Ѓорче Петров, Штип, Тетово, Битола и Кичево, требаше да бидат готови во август 2021 година. На време беше готов само тој во Тетово.

Кисела Вода е првата општина која доби функционален затворен базен во кругот на Основото училиште „Невена Ѓорѓиева Дуња“. Базенот е во владение на општината, а планот е приоритет за користење да имаат основците кои учат во општината.

-Приматот го имаат дечињата од ОУ „Невена Ѓорѓиева Дуња“, но и останатите основни училишта, па подоцна ќе биде отворен и за граѓаните и за пливачките клубови кои ќе пројават интерес за истото. Така што, да сумирам, најголем приоритет ќе ни биде макар еднаш во неделата да спортски активности имаат дечињата од основните училишта во Кисела Вода.

Пролонгирањето на роковите за петте заглавени базени ги зголеми и трошоците за изградба на базените. Центарот за граѓански комуникации и 360 степени открија дека како роковите се пробиваа, така се потпишуваа и нови анекси кои за 22% ги зголемија трошоците за изградба на базените. Па наместо планираните 3,2 милиони евра – петте базени чинат 3,9 милиони евра.

Според последниот договор, базените требаше да бидат готови до 30 јуни, но сега надлежните најавуваат дека сепак во употреба ќе бидат пуштени до крајот на летото.

Министерството за спорт спроведува ревизија на целокупниот проект за да открие зошто на државата и требаше три и пол пати повеќе време за да ги изгради.

-Мислам дека е при крај вештачењето за овие пет базени. Проблемот со овие базени, веројатно, сега додека официјално не заврши вештачењето не можам да кажам. Меѓутоа, веројатно е најпрво желба да се завршат, немањето финансии да се завршат и најважно од се, веројатно некој имал некаков финансиски интерес во целата ситуација којшто на почетокот на градбата го искористил тој финански бенефит, веројатно, и потоа изгубил интерес да се завршат сите базени, вели Ристовски.

Кога вештачењето ќе биде готово Ристовски вели дека ќе биде објавено на увид на целата јавност, а ќе биде доставен и до надлежните органи за да истражат дали имало криминал во изградбата на базените.

Базенот е долг 30 метри, а длабочината се движи од 80 до 120 сантиметри.