Работничка останала без работа откако кажала дека е бремена - КСЗД утврди дискриминација
Вработена во приватна фирма останала без работа зошто била бремена. Само еден ден откако ги информирала во службата за човечки ресурси и било кажано дека газдите нема да и го продолжат договорот. Поради претрпениот стрес и стравот за нејзината и егзистенцијата на нероденото бебе жената била постојано вознемирена и завршила на психијатар каде и била препишана соодветна терапија. Таа во претставката до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација приложила и соодветна медицинска документација, а членовите утврдиле дека се работи за најтежок облик на дискриминација. Законот за работни односи изричито забранува отказ поради бременост и родителство.
- Кога се изјаснува дека е бремена истата добива отказ. И кај тој предмет имаме утврдено директна дискриминација. Треба да бидат охрабрени и да ги пријавуваат ваквите случаи не само во комисијата туку и во синдикалните оирганизации, изјави Зекир Абдулов, член на КСЗД.
Во Комисијата пред неколку месеци имале слична пријава од работничка во текстилна фабрика која добила отказ зошто побарала неколку дена одмор за да се грижи за болното двегодишно дете. И во овој случај утврдиле директна дискриминација бидејќи жената ја избркале од работа и зошто членувала во синдикална организација. Минатата година во ДЗСК бележат за 39 отсто зголемување на бројот на претставки кои се однесуваат за работни односи, односно имале 159 вакви пријави.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар