Македонија
13. August 2023 - 16:29

Рамковниот ќе се слави со концерт на плоштадот Скендер Бег

Со фестивал на мирот кај споменикот на Скендер Бег во Старата чаршија вечерва ќе бидат одбележани 22 години од потпишувањето на Рамковниот договор. Забавата заедно со школата за млади лидери која викендот се одржува во Маврово граѓаните ќе ги чини речиси 100.000 евра. Договорот на 19 јули го склучиле министерството за политички систем и односи меѓу заедниците предводено од Артан Груби и “Арберија дизајн” која стои позади организацијата речиси на сите настани ицицирани од кадрите на ДУИ.

Се работи за два договори од ист оглас.

Првиот договор опфаќа обезбедување хотелски, кетеринг и услуги поврзани со опрема за организирање настани е со вредност од 70 илјади евра.

Вториот договор, пак, тежок 30 илјади евра, покрива логистичка и креативна поддршка. Меѓу другото за стихотворба ќе бидат издвоени 5.500, а за спот за песна 5000 евра.

Премиерот Димитар Ковачевски во објавата за годишнината од Охридскиот Рамковен договор напиша дека донел мир со кој се овозможило континуиран развој на општествената кохезија и на европскиот концепт на обединетост во различностите.

- Северна Македонија е држава пример за функционална, одржлива мултиетничка демократија, којашто практикува европски вредности. Ние сме општество кое гарантира еднакви права и обврски за сите етнички заедници, за сите Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други заедници кои оваа земја ја сметаат за свој дом. Дом кој ќе продолжиме да го градиме во духот на меѓусебна грижа и посветеност. Нашата татковина е Европа во мало, а почитувањето на различностите е нашата предност, на што сме особено горди, објави Ковачевски.

Али Ахмети во видео обраќање повика на единство и обединување околу европскиот фронт. Според лидерот на ДУИ, за да се заврши процесот на еднаквост и интеграција, мора да се направи последниот чекор од уставните измени. 

- Денес несомнено сме подобри од вчера, но работиме утре да биде подобро од денес. Секогаш заедно, затоа на оваа годишнина од Охридскиот рамковен договор повикувам на единство и обединување околу европскиот фронт како историска потреба и одговорност на времето и неопходен чекор за обезбедување на иднината. Само обединети сме посилни, рече Ахмети.

Лидерот на Достоинство, Стојанче Ангелов во објавата за годишнината од Рамковниот договор посочи дека македонските бранители победиле во сите битки во конфликтот, а изгубиле политичарите.

Договорот со кој се стави крај на неколкумесечниот воен конфликт беше потпишан на денешен ден во претседателската резиденција на Водно со посредство на меѓународната заедница, а разговорите потоа продолжија во Охрид.