Растат кражбите на дрво во струмичко
Енергетската и економска криза ги зголемија кражбите на огревно дрво во струмичко. Се поголем е бројот на лица кои се откриваат како вршат бесправна сеча, транспортот и продажба на дрва.Ова го покажува и статистиката на СВР Струмица според која, во годината што заврши, 10 лица добиле кривична пријава за сторено кривично дело пустошење на шума. Полицијата спровела и вкупно 100 контроли во кои биле одземени близу 187 м/3 бесправно исечени огревни дрва и запленети 23 патнички возила, 1 товарно возило со приколка, 4 трактори, 5 приколки за трактор, 3 приколки за патничко возило и 39 запрежни возила.
Дека дрвокрадците оперираат на терен потврдуваат и од шумската полиција. Тие лани поднеле 63 прекршочни и една кривична пријава. За време на контролите што ги прават на терен одзеле 4 товарни и 12 патнички возила, 22 запрежни коли, седум моторни пили, а заплениле и околу 58 метри кубни нелегално исечени дрва.
За проблемот со дрвокрадците расправаше и локалниот совет за превенција на кој беше заклучено дека се неопходни почести и координирани акции од сите надлежни институции.
Најголемиот дел од дрвокрадците се откриваат на шумски терен, но имало и случаи кога тие се затекнати при испорака на дрвата на физички лица.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар