Македонија
26. December 2023 - 12:35

Расте наплатата на данок на имот во Штип

Општина Штип на крајот од годината бележи зголемен приход од наплатата на данокот на имот. Драган Каров раководител на Одделението за администрирање на приходи во oпштината, вели дека ова пред се се должи на наплатата на заостанатите долгови. Во однос на решенијата за тековната година, процентот на наплата е сличен како и претходната, кога изнесуваше изнесуваше 65 %. Изразено во бројки, годинава не се наплатени 18 милиони денари кои треба да се слеат во општинската каса. 

- Од планирани 48 милиони денари во Буџетот, досега наплатени се 51 милиони денари или тоа е околу 107 отсто, односно 7 проценти над планираното. Во однос на решенијата од 2023 година, досега се наплатени 63 отсто, односно од планирани 48 милиони денари, наплатени се 30 милиони денари, изјави Драган Каров, раководител на одделение за администрирање на приходи-ЛС-Штип

Тековно се реализира и присилната наплата која, реално, има ефект, а доказ за тоа е и фактот што се наплатени повеќе од заостанатите трошоци за минатите години и приходите се над планираното. Лани мерката присилна наплата беше применета на околу 2.000 физички и правни лица.

- Во моментов како и претходната година, така и оваа година тече процесот за присилна наплата. За сите оние коишто не ги платиле оврските за данок на имот од претходните години, се изготвуваат решенија, се доставуваат до обврзниците и потоа се доставуваат до банка за наплата по истите, изјави Каров.

Во период кога е актуелна промената на личните документи, треба да се пријави и во даночните одделенија во општините, со цел да имаат точна база на податоци и доставата на решенијата да биде во ред.