Македонија
8. July 2023 - 16:26

Разногласие за наскоро пуштање на мостот „Беласица“ за сообраќај

По најавите од градоначалничката дека многу скоро мостот „Беласица“ ќе биде пуштен, од институтот велат такво нешто е можно најрано во септември. Арсовска во интервју повторно потенцира дека санирањето ќе биде минорно, мостот не претрпел сериозна штета и набрзо ќе биде вратен во функција. Според градоначалничката се чека на ЕСМ кои треба да ги отстранат цевките под мостот за да се изврши санацијата. Директорот на Приватниот институт за сеизмички отпорни градби и климатски промени за Сител вели доколку утре би почнала санацијата, најрано што може да се заврши е за два месеци. Подготвителни активности, монтажа на опрема, но сето тоа зависи од моментот кога ќе бидат отстранети цевките за парно. Тој не прецизира датуми, но вели со оглед на проценките на штетата, санацијата би се правела два до три месеци, откако претходно ќе се утврди која фирма би била ангажирана за истото.

Од град Скопје не одоговорија, што мисли градоначалничката која изјави како и претходно дека мостот наскоро ќе биде пуштен во сообраќај.

Од ЕСМ за Сител велат дека подготвителните активности се завршени и наскоро ќе почнат со отстранување, но колку време ќе трае таа постапка не одговорија. 

„ЕСМ Дистрибуција на топлина ќе вложи максимални напори демонтажата да се заврши во најкраток можен рок. Почетокот на активностите за санација на опожарениот топловод е поврзан со завршување на сите дејствија и проверки на состојбата на мостот од страна на вклучените релевантни институции и компании“, ни одговорија од ЕСМ.

Директорот на ЦУК кој прв реагираше за затворање на мостот по пожарот, не сака да коментира дали скорото пуштање ќе биде безбедно за граѓаните. За Сител вели мостот „Беласица“ е во целосна надлежност на Град Скопје и нивна е одговорноста што и кога ќе преземат во иднина.

Експертите од Градежен факултет при УКИМ пред два дена презентираа методологија според која треба да се направат сериозни испитувања дали и колку длабоко пожарот предизвикал микропукнатини во структурата на бетонот и детална анализа за тоа колкава температура ги зафатила каблите за преднапрегање по што би се знаело каков вид на санација е потребна. За сето ова испитување, не се доволни само визуелни проценки, туку примероци треба да се испратат во странска лабораторија и цел процес би траел два до три месеци, изјави деканот на Градежен.