Македонија
30. August 2022 - 16:44

Резултатот од хемокултурата треба да открие која бактерија предизвикала сепса кај 25-годишното момче од Берово

На 25 годишното момче од Берово кое почина минатата недела за 10 дена му биле направени две хируршки интервенции во штипската клиничка болница, покажува вонредниот инспекциски надзор на ДСЗИ. Според извештајот испратен до медиумите, прв пат се јавил кај матичниот стоматолог на 10 месецов поради оток и болка.

Забот му бил изваден на 13 август од страна на дежурниот максилофацијален хирург во болницата во Штип. По што пациентот една недела е задржан на болничко лекување.

Според документите испишан е на 19 август по подобрување на општата состојба. Момчето два дена потоа дошло на контрола и му била направена преврска. Но, утре дента во раните утрински часови поради влошена состојба, обилно крварење од раната во устата и намалена сатурација со возило на беровската брза помош повторно бил донесен во болницата во Штип. Извршена му била интубација и подлабоко отварање на раната од каде земени се два бриса и не биле најдени бактерии.

Но, се уште нема резултати од хемокултурата кои треба да дадат одговор на клучното прашање: Што предизвикало сериозно влошување на состојбата на пациентот бидејќи на КАРИЛ во Скопје бил донесен со знаци на септичен шок и починал за помалку од 24 часа по приемот.

Случајот го истражува и обвинителството каде го чекаат обдукцискиот извештај од Институтот за судска медицина по направената ексхумација, но се уште не се готови хисто –патолошките анализи.

Во меѓувреме иако беше најавен стручен надзор од комисија формирана од министерот Беким Сали, од здравство нема информација кога и кои лекари ќе прават ревизија на случајот.