Римокатолиците и дел од православните го слават Раѓањето Христово – Божик

Верниците на Римокатоличката црква и дел од православните христијани, кои се водат според Грегоријанскиот календар денеска го одбележуваат Раѓањето Христово – Божик.
Традиционално, во државава централната прослава по повод празникот се одржа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, каде синоќа имаше божикна полноќна света литургија.
По повод празникот Рождество Христово, Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов упати божикна честитка до верниците од католичка вероисповед.
-И Словото стана тело и се всели меѓу нас, полно со благодат и вистина; и ние ја видовме Неговата слава, слава како на Единороден од Отецот“ (Иван 1,14). Божјото Слово доаѓа меѓу нас во облик на човек, како дете родено од жена. „Дојде кај Своите, но Своите не Го примија. А на сите што Го примија – на сите што веруваа во Неговото име - им даде моќ да станат чеда Божји“ (Иван 1,11-12).
Синот Божји лежи во јасли, неразделно вистински Бог и вистински човек во единство на Неговата божествена Личност. Ова е нашата вера. Без оваа вера, Божик не би бил ништо повеќе од она што потрошувачкиот менталитет сака да ни го подметне, сезонски празник, како што некои сакаат да ни го наметнат својот израз на неверие.
-Зошто Синот Божји доаѓа кај нас да живее меѓу нас како сиромашно и беспомошно дете? Тој доаѓа кај нас со празни раце, но ни се дава Себеси, највисокото и најважното нешто што можел да ни го даде. Во него е вклучено сè што ни треба. Бидејќи во него Бог живее во сета своја полнота. Кога го примаме, имаме сè што ни треба и го имаме во изобилство. Зашто тој е светлината што ја растерува темнината во светот. Тој е нашиот мир. Тој е вистината што нè ослободува. Тој е лебот на животот. Кој јаде од овој леб, кој во својот живот го прима Христос, вечното Слово на Отецот, тој прима живот. Тој самиот ќе каже за себе, кога ќе порасне и ќе го даде својот живот како откуп за мнозина, дека тој е воскресението и животот. Едноставно кажано, тој е повеќе од целата среќа на светот. Зашто тој е Љубов, која сама нè прави благословени и ни дава живот. Сè што копнееме ни е дадено во ова дете. На сите им посакувам среќен Божик и благословена Нова година! Христос се роди!, се наведува во честитката од Стојанов.
Божик денеска слават и Грчката, Бугарската, Романската, Украинската и Грузиската православна црква, кои го прифатија Грегоријанскиот календар. Преостанатиот православен свет кој се води според Јулијанскиот календар, меѓу кои и Руската, Српската и Македонската православна црква, Ерусалимската патријаршија, како и монасите на Света Гора, Божик ќе го одбележат на 7 јануари.
МИА
Ново на Сител
-

Заклучно со 30 ноември годинава во државниот буџет од даноци и придонеси собрани 3,97 милијарди евра
-

ФЗО и УЈП со контроли кај матични гинеколози, кај 26 од 49 немало никакви неправилности
-

Хренин: Западот се подготвува за воена акција, ова не е блеф
-

Предлог законот за ратификација на Договорот за изградба на железничкиот тунел меѓу Бугарија и Северна Македонија го помина комисискиот филтер
-

Белгија се откажува од проектот „и-полиција“ поради неисполнети очекувања
-

Во Русија разбиена мрежа на печатници кои фалсификувале пасоши и други документи
-

Контејнери за текстилен отпад пред сите месни заедници во општина Кисела Вода
-

Германија нема наскоро да се приклучи на мировните сили во Газа, вели министерот за надворешни работи
