Ристески: Клучен приоритет на Владата е да ги задржи младите во државата

Законот за сезонски работници што е во сила од 1 јануари 2026 година, сѐ уште не ги дава очекуваните резултати, но ова не е закон направен за една година.
Затоа организираме информативни средби и настани со помош на медиумите, стопанските комори, работодавачите и синдикатите - за да ги анимираме луѓето дека пензионери, студенти, оние кои сакаат дополнително да работат и сите категории невработени лица можат да го искористат, без притоа да го изгубат стекнатиот статус, да имаат комплетно пензиско и здравствено осигурување, фер ангажман, платен работен час колку што се ангажирани дополнително и со тоа да остварат дополнителни приходи - рече денеска заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески.
Пред информативниот настан за новата законска рамка за ангажирање лица за сезонска, привремена и повремена работа, како и за новата дигитална платформа за електронско пријавување и одјавување работници, Ристески истакна дека целта на Владата е работоспособни луѓе, посебно младите, да останат во државата.
- Учествував во еден од новите револуционерни закони поврзани со реформската агенда. Тоа е Законот за времен ангажман, односно популарно кажано сезонски работници во Република Македонија, кој првпат се спроведува. Опфаќа три области: земјоделство, угостителство и услуги во домаќинство, а целокупниот процес се одвива преку Агенцијата за вработување. Ова е прва година на функционирање од 1 јануари 2026-та. Законот сѐ уште не ги дава очекуваните, да речам, резултати, меѓутоа, ова не е закон направен за една година - потенцира заменик-министерот.
На новинарско прашање, како кај нас, доколку помине во Бундестагот на 18 декември, би се рефлектирала одлуката - во Германија да се преполови бројот на вработени од Западен Балкан, Ристески одговори дека Македонија би била среќна што повеќе млади да останат и да работат тука.
- Факт е дека имаме голема економска криза со која најмногу се опфатени водечките држави, вклучувајќи ја и Германија. Со падот на индустриското производство, посебно автомобилската индустрија, секојдневно гледаме масовни отпуштања на вработени токму во Германија и можеби како резултат на тоа и одлуката на германската влада можеби ќе биде да ја намалат оваа квота. Но, ние, од друга страна, сме пресреќни како држава доколку работоспособните, посебно младите работоспособни луѓе останат и егзистираат тука, во државата. Ние како Влада правиме сѐ, преку Оперативниот план, постојаните заложби за носење нови инвестиции и активните мерки, што повеќе работоспособни, млади луѓе да останат тука и добијат работен ангажман - подвлече Ристески.
Тој информира дека е во тек изготвувањето нов закон за работни односи кој ќе биде, како што рече, многу подобар, пофлексибилен и поекспедитивен.

- Од една страна, законот ќе им даде поголема флексибилност на работодавачите, а друга, ќе ги заштити работничките права и можноста за побрзо и поекспресно вработување во компаниите и во приватниот, но и јавниот сектор. Со новите колективни договори што ги остваруваме, подобрувањето на условите за работа во јавниот и приватниот сектор, правиме навистина одлични, максимални услови за сите кои се веќе работно ангажирани или ќе бидат, да се чувствуваат многу подобро и покомотно во сопствената држава. Тоа е главниот приоритет на оваа Влада: да ги задржиме младите и ќе правиме сѐ и понатаму тие да останат во државата. Инаку, во минатиот период со лоши економски политики, поради малиот наталитет и иселувањето, имаме рекордно највисока стапка на побарување работна сила и честопати, за жал, тоа на некој начин се амортизира со ангажирање работници од странство. Во тој контекст, се носи и нов закон за странци кој ќе биде исто така поекспедитивен. Целта е да не ѝ наштетиме и на економијата, односно да се најде и добра работна сила и да не ја нарушиме хармонијата на домашниот пазар на труд, на домицилното население кое бара работа - објасни Ристески.
Директорката на АХК Северна Македонија, Антје Ванделт, оцени дека законот за сезонски работници е од големо значење за доближувањето кон Европската Унија, односно европските стандарди зашто со него е регулирано вработувањето и на сезонските и на привремените вработувања.
- Ова е конкретен инструмент што дава голем придонес во транспарентноста на отворањето нови работни места, но е од големо значење и за доближувањето кон ЕУ - истакна Ванделт.
Таа укажа и дека за компаниите е важно законските решенија да бидат не само добро поставени, туку и практични, едноставни и применливи во секојдневното работење.
Дигитализацијата, рече, може значително да го олесни ангажирањето на сезонските работници, особено за компаниите кои во одредени периоди имаат потреба од дополнителна работна сила.
Според Александра Кервска Димовска, советник во ГИЗ, новото законско решение дава можност за излегување од сивата економија и поголема сигурност за многу работници во земјава.
- Оваа реформа овозможува фер и безбеден пристап до пазарот на труд за сите, особено за сезонските и работниците на одредено време. Сметаме дека ова е значаен придонес кон посоцијално праведно и економски одржливо општество - посочи Кервска Димовска.
Настанот за новата законска рамка за ангажирање лица за сезонска, привремена и повремена работа, како и за новата дигитална платформа за електронско пријавување и одјавување работници, го организираа АХК Северна Македонија и ГИЗ.
Целта беше работодавачите да се запознаат со новите законски можности и практичната примена на дигиталниот систем, кој овозможува поедноставно, побрзо и правно сигурно ангажирање работници, согласно потребите на компаниите.
Покрај презентацијата на новите законски решенија, беше организирана и практична демонстрација на платформата.
МИА
Ново на Сител
-

Декларација за мир потпишана на историската средба меѓу претседателите на САД, Русија и Кина
-

Истражните органи влегоа во Макстил – Се проверува дали фабриката загадува надвор од дозволените параметри
-

Со акциски план ќе се бара решение за неконтролираното движење кравите низ Крива Паланка
-

„Блокадата е во Скопје, а не во ЕУ“, оценува директорот за проширување на Унијата
-

Институтот за историја одбележува 80 години постоење
-

Германија ја преполовува квотата за работници од Западен Балкан, помалку места и за Македонците
-

Факултетите ќе го платат долгот за струја
-

Вештачката интелигенција во правосудството – Помошник, не судија
