РKE размислува за повеќе евтина струја преку ден и за викенд, нов модел подготвува и за гасот
Повеќе часови евтина струја преку ден, а можеби и за викенд – ова е една од промените што ги разгледува Регулаторната комисија за енергетика. Причината е што поради големото производство од фотоволтаиците, струјата може да биде поевтина преку ден, кога има вишок на пазарот.
Регулаторна разгледува повеќе опции за промена на евтината тарифа. Можно е за време на викендите да има повеќе часови дневна евтина струја, кога потрошувачката од индустријата е помала, а на пазарот има вишок електрична енергија.
Претседателот на комисијата, Ристов, вели дека сегашниот модел бил направен во време кога струјата била поскапа преку ден. Сега, со големиот број фотоволтаични централи, состојбата е променета.
„Имаме евтина енергија преку ден, кога има хиперпродукција од фотоволтаиците, а навечер, кога ги нема, електричната енергија може да биде поскапа“, изјави Ристов.
Токму затоа се анализира и ноќната евтина тарифа. Во периодот кога кај нас струјата е поевтина, на регионалните берзи таа во одредени периоди може да биде меѓу најскапите.
Конечна одлука сè уште нема. Прво ќе се анализира потрошувачката по часови, денови и тарифни блокови, по што ќе следува јавна дебата.
РКЕ најавува и воведување паметни броила, со кои домаќинствата ќе можат полесно да следат колку струја трошат и во кој период ја користат.
Паралелно со струјата, РКЕ размислува да го промени и начинот на кој се пресметува цената на природниот гас. Идејата е цената да се поврзе со референтна берзанска цена, слично како што се прави со нафтените деривати.
На тој начин би се добил појасен модел за пресметка, наместо да се земаат предвид само набавните цени на различните компании.
„Берзата е манипулативна. Денеска може да биде 80, утре 60, па 70, меѓутоа немате стално, односно регулирана предвидлива цена за години однапред“, кажа Ристов.
Смета дека Македонија треба да бара начини за постабилно снабдување.
Како едно од решенијата ги посочува долгорочните договори за набавка на гас, но и интерконекторите што се градат со соседните земји.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
