Родители на протест, без училиште нема иднина за с. Долни Балван
Родителите од селото Долни Балван, во општина Карбинци, излегоа на мирен протест незадоволни од најавите дека ќе биде затворено подрачното училиште во селото. Велат дека нема да дозволат нивните деца секојдневно да патуваат до друго населено место за да посетуваат настава и бараат училиштето да продолжи со работа. Тие сметаат дека правото на образование треба да биде еднакво достапно за сите деца, без разлика дали живеат во град или во рурална средина.
- За нас ова училиште не е само зграда, туку срцето на селото и место каде нашите деца го започнуваат образованието. За нас нее прифатливои децата од прво до петто одделение да бидат испраќани во други училишта, далеку од својата средина, кога веќе имаме училиште. Тоа значи подолго патување, поголем замор за децата и дополнителни трошоци и грижа на родителите, изјави Николче Драгев, родител на ученик во с. Долни Балван
- Јас како родител на дете кое учи овде и на друго кое треба да започне да учи, мислам дека децата треба да останат овде и поради безбедност и поради превоз, малтретирање и се, изјави Викторија Манев, родител на ученик во с. Долни Балван.
Според родителите, затворањето на училиштето дополнително ќе го забрза иселувањето на младите семејства од селото и ќе го доведе во прашање неговиот опстанок.
- Наместо да се создаваат услови младите семејства да останат во селото, со оваа одлука се испраќа порака дека селото полека се празни. Кој би сакал да остане да живее во средина во која нема иднина за најмладите, додаде Драгев
Жителите порачуваат дека нема да се откажат од нивните барања и најавуваат дека протестите ќе продолжат доколку надлежните не ја преиспитаат одлуката.
- Или ќе останат тука, или децата нема да ги пуштиме на училиште, додаде Манев
Селото брои околу 120 куќи со околу 300 жители, а во моментот во подрачното училиште „Страшо Пинџур“, учат вкупно 13 ученика од прво до петто одделение.
-
Tрајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
