Ромските невладини не го признаваат пописот
Штипските невладини организации на Ромите не ги признаваат резултатите од пописот. Сметаат дека ромската етничка заедница брои скоро двојно повеќе од попишаните.
Причина, според нив, за оваа статистичка грешка е тоа што попишувачите не влегле во многу ромски домаќинства.
-Голем дел од ромската заедница не беше посетена од страна на попишувачите и на тој начин сметам дека бројот кој што го имаме сега од 2.700 не е реален и не ја дава адекватната бројка на ромското население во Штип. Она што се нашите анализи, сметам дека имаме некаде околу 5000 Роми во нашата општина, изјави Ерол Адемов.
За да се корегира гешката, ромските невладини од општината ќе спроведат сопствен попис, а резултатите ќе ги достават до Државниот завод за статистика.
-Од овој месец започна имплементацијата на оваа активност и ќе трае се додека сите ромски семејства кои живеат во Штип ги попишеме, додаде Адемов.
Според официјалните бројки од Државниот завод за статистика, од пописот во 2002 година, во Штип живееле 2.195 Роми, односно 4,6 % од вкупната популација. Според последниот попис бројот на припадниците на ромската заедница се зголемил за 106 лица и сега изнесува 2.301 или 5,12 % од вкупното население во општината.
За разлика од ромската заедница која единствено бележи раст, бројот на резидентните Македонци помеѓу двата пописи се намалил за 7000, на Власите за близу 500, на Србите за 120 и на припадниците на турската заедница за 50 лица.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар