Македонија
22. October 2026 - 9:19

РСБСП со апел до возачите за внимателно и безбедно возење за пpодолжениот викенд

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) апелира до сите учесници во сообраќајот доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за време на претстојниот празник 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба и продолжениот викенд.

Од РСБСП очекуваат зголемена раздвиженост во сообраќајот, особено на патните правци надвор од населените места, поради што упатуваат апел за одговорно однесување и внимателно управување со возилата.

Советот потсетува да се почитуваат ограничувањата на брзината, да не се управува со возило под дејство на алкохол и психотропни супстанции, како и да не се користи мобилен телефон за време на возењето.

РСБСП укажува и на задолжителното користење сигурносен појас при секое патување, соодветното обезбедување на децата во детски седишта, одржувањето безбедно растојание и избегнувањето ризични маневри.

Пред тргнување на пат, возачите треба да ја проверат техничката исправност на возилата, а доколку почувствуваат замор, да направат пауза и да се одморат.

-Нека празничните денови бидат исполнети со убави моменти, безбедни патувања и среќно враќање дома - порачуваат од РСБСП. 

МИА