Македонија
12. August 2025 - 12:24

Руралната инфраструктура на истокот во катастрофална состојба

Руралните средини на истокот од државата интензивно се празнат. Младите својата егзистенција ја бараат во западно европските земји, не само поради добро платените работни места, туку и условите за живот. Во селата многу малку се инвестира за подобрување на инфраструктурата, а и кога нешто се гради, никако да се изгради. Таков е примерот со главната улица во с. Чешиново која се прави подолг временски период. Жителите веќе изгубиле и надеж и верба дека некогаш ќе биде направена.

- Историска стана, ја започнаа, а кога ќе ја завршат не знам.

- Овој пат нема да се направи, ова за ништо не вреди, со земја го потполнуваат.

- Ќе ја направат после 2 години, оти така работат, еден ден дојдат, па ги нема 3 недели, анкета жители на с. Чешиново.

Мештаните велат дека не само што не се прави, туку секојдневно трпат штета. Не можат да поминат со велосипед, си ги кршат автомобилите, ги кинат гумите, а постојано голтаат прашина.

- Сите коли се испокршија. Натаму се само каменчиња, одвај се оди, го посипале со каменчиња и не може да се дојде до црквата, греота е тоа.

- Не се оди, велосипедите си ги испокршивме, гумите си ги испокинаа автомобиле.

- Ова е главна улица. Сега кога ќе поминат автобусите, јас овде живеам, ќе се дигне прашина и куќата ми се наполни целата со прашина, анкета жители на с. Чешиново

Од општина Чешиново-Облешево останаа без одговор на прашањата, кој ја гради улицита, кога ќе се изгради и ќе биде ставена во функција за жителите.