Експерти: ДИК не смее да усвојува правилник за изборите
Државната изборна комисија нема право со упатство да го регулира учеството на независните кандидати на локалните избори.. Според пензионираниот универзитетски професор по право, Борче Давитковски, предлогот на ДИК е тотално незаконие, бидејќи како што вели, таа не смее да се става во улога на извор на право..
„Ова е многу лош преседан што ДИК си зема одредени ингеренции кои воопшто не се нејзина надлежност. Тоа е техничка служба која треба да го спроведе Изборниот законик. Она е најмалку повикана да кажува дека некој без потписи може да излезе на избори. Ќе стане тотална незаконитост во поглед на изборниот процес за локалните избори. Ако донеле таква одлука или правилник, тоа е незаконито и ДИК треба сите до еден да си дадат оставка“, изјави Борче Давитковски.
Претседателот на ДИК Борис Кондарко, во тема на денот пак уверува дека правилникот не е пополнување на правна празнина. Со него се прецизирало веќе даденото право за поднесување кандидатури утврдено со изборниот законик.
Според Давитковски, примената на упатството остава простор за оспорување на изборниот резултат пред Уставниот суд. Кондарко пак, уверува дека ДИК не излегува надвор од своите надлежности.
„Ова, за демократијата е многу лош преседан што ДИК си зема надлежности што воопшто не се нејзини. Она не може да се јави како извор на право. Извор на право може да биде само закон и Собранието требаше да седнат, наместо да одат на одмор, да пристапат согласно одлуката на Уставен суд да си го изменат законот и да ги утврдат правилата на игра“, вели Давитковски.
Претходно, премиерот Мицкоски ја охрабри ДИК да изработи правилник за учество на независните кандидати, а за кочење на изборниот законик ја обвини ДУИ.
Неофицијално, според правилникот кој ќе го изработи ДИК за советнички листи ќе се бидат доволни само оние од кандидатите, додека кандидатите за градоналници сами ќе одлучуваат од колку граѓани ќе бараат поддршка, но доволни ќе бидат и само два потписа.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар