Македонија
10. February 2024 - 16:56

Саботни гужви во пунктови за вакцинација - најголем број се деца со пропуштени дози

Во сабота, редици и гужви пред пунктовите за пропуштените вакцини. И бебиња и поголеми деца чекаа за Ди-Те-Пер, а некои и прв пат се најдоа пред педијатрите. Ширењето на опасната голема кашлица, но и барањето на потврди во градинките ги исплаши родителите – во поликлиниките Букурешт и Јане Сандански само за три часа беа аплицирани над 100 дози.

,,Родителите масовно ги носат децата. Се наоѓаме пред пунктот во поликлиниката Јане Сандански каде имаме и саботно дежурство. Најмногу се за Ди-Те-Пер, односно, да се надомести се она што е пропуштено'', вели д-р Даниела Марковска од пунктот за имунизација во Јане Сандански

- Најмногу, односно, 80 проценти од децата и тие денес и изминатата цела недела откако почнаа поголем број на случаи за пертусис се со задоцнети вакцини. 

– Дали ви доаѓаат и деца за прв пат на вакцинација?

,,Да имаме и такви, за нив имаме посебни протоколи, ги вакцинираме по ќечап календар кој е достапен за родителите'', вели д-р Сања Цилевска од пунктот за имунизација во Букурешт.

Или ја одложувале МРП вакцината па со тоа е пролонгирана и ревакцината со Ди-Те-Пер, или детето било болно во периодот за имунизација.

,,За ревакцина сме дојдени''

- Jа имате пропуштено?

,,Да, кога требаше да ја става беше болно и сега сме дојдени"

,,Да за ревакцина сме, беше болна, потоа кога требаше имаше сипаници и сега сме дојдени...''

- Ви бараа потврда од градинка дека е вакцинирана?

,,Не, ама сакаме да ја прими оваа вакцина'', велат родители

Иако задоцниле со вакцините, родителите се исплашени од тоа што се случува со враќањето на заборавените заразни заболувања.

,,Исплашени сме, затоа треба имунизација, да...од таканаречените активаксери сме дојдени до ова сега'', реагираат родители.

Како препорака од Комисијата за заразни болести, но и законска обрвска, од градинките им наложија на родителите да достават потврди дека децата ги имаат сите вакцини од задолжителниот календар. Но, има и такви кои бараат нелогични решенија од пунктовите.

,,Има и такви кои доаѓаат да им дадеме потврди за примени вакцини во родилиште, за деца на 4, 5  години..Ние не можеме да им дадеме такви потврди, ниту се водат кај нас, ниту пак лекар ги прегледал тие деца'', вели д-р Цилевска

И додека родителите сериозно ја сфатија опасноста од болестите за кои вакцините се единствениот спас, Владата и 4 дена по препораките на Комисијата за заразни болести нема одлука за прогласување на епидемија во главниот град. 

Досега има 26 потврдени случаи со пертусис, а на болничко лекување се неколку деца со потешка клиничка слика.