Свет
8. March 2022 - 19:46

САД забранија увоз на нафта од Русија

Соединетите Амеркикански Држави забранија увоз на гас, нафта и јаглен од Русија. Претседателот Бајден вели одлуката има цена и ќе се почувствува во САД, но смета дека ОВА Е ВАЖЕН ЧЕКОР.

Според американскиот претседател, со одлуката да не купуваат руски енергенси, САД нема повеќе да учествуваат во субвенционирањето на војната на Путин. За намалување на притисокот врз цените на горивата, Бајден најави  испуштање на 16 милиони барели од нафтените резерви.

Одлука за ЗАБРАНА НА увоз на руска нафта се очекува да донесе и Велика Британија. Според најавите,  забраната нема да е целосна туку увозот континуирано ќе се намалува.

Во Европската унија засега има поделеност дали треба да се следи потегот на САД.

Германија и Холандија уште вчера го отфрлија ваквиот план со оглед на тоа што ЕУ 40 отсто од гасот и 30 проценти од нафтата ги добива од Русија, но многу тешко може да најде замена.

Откако Германија го суспендираше работењето на Северен тек 2, од Москва доаѓаат закани дека би можела да го сопре вентилот на веќе постоечките гасоводи преку кои Европа се снабдува со овој енергенс.

Алтернатива за руската нафта останува Иран, но проблемот е што оваа држава се уште е под санкции поради нуклеарната програма. Дури и Иран и САД да дојдат до политички договор би требале месеци за иранската нафта да стигне до европските пазари.

Во меѓувреме и денеска цената на нафтата на светските берзи расте. Дополнително зголемубвање се очекува по забраната од САД за увоз на нафта од Русија.

Вакво предупредување испрати и Моска. Рускиот вицепремиер, Александар Новак вели дека доколку САД и ЕУ го забранат увозот на нафта од Русија, барел би можел да достигне и до 300 долари.